Осудените педофили ќе бидат одбиени да добијат пасош во Австралија, ако се усвои новиот предлог-закон на владата.
Предлогот, кој треба да биде претставен пред Парламентот, би забранил на регистрираните педофили да патуваат надвор од земјата.
Министерот за правда, Мајкл Кинан, вели дека со овој предлог-закон ќе бидат опфатени 20 000 педофили кои ја отслужиле казната, но останале под надзор на властите.
Сексуалните претстапници ќе може да аплицираат за пасоши ако повеќе не се дел од регистарот, велат од владата.
„Ниту една држава досега не покренала ваква силна акција за да ги спречи своите граѓани да патуваат надвор од земјата, често до ранливи држави, за да злоупотребуваат деца“, изјави Кинан.
Околу 800 регистрирани педофили патувале надвор од Австралија минатата година, покажуваат податоците на владата.
Оттаму велат дека речиси 3200 педофили никогаш нема да добијат пасош бидејќи биле под надзор доживотно.
Предлогот го поддржа независниот сенатор Дерин Хинч, долгогодишен поборник за посилни закони против педофилијата. Според Хинч, со овој предлог би се заштитиле децата.
„Одите на Бали, одите на Пном Пен, одите на Сием Рип и ќе ги видите таму овие австралиски средовечни мажи, со младо локално дете – тие не се таму за да се сончаат”, изјави тој за новинарите во вторникот.
Минатата година, Австралиецот Роберт Ендрју Елис беше осуден за сексуално злоупотребување на 11 девојчиња во Индонезија, за што доби казна затвор од 15 години.