Австралиската полиција апсеше активисти на протест против месната индустрија

Десетици демонстранти е уапсени во Австралија откако утрово се одржаа повеќе координирани протести во земјата од активисти за правата на животните.

Неколку групи на активисти упаднале во кланици и се заврзувале меѓусебно за да протестираат против месната индустрија, додека над стотина демонстранти ја блокираа главната крстосница во Мелбурн пред да бидат насилно отстранети од полицијата.

Премиерот на Австралија Скот Морисон протестите на активистите за правата на животните ги нарекол „срамни и антиавстралиски“.

„Ова е само уште една форма на активизам која, мислам, дека е против националниот интерес. А националниот интерес е фармерите да можат да си ја обработуваат земјата“, изјавил тој за локална радио станица.

Морисон подоцна ги повикал безбедносните служби: „целосно да го спроведат законот против ваквите криминалци со зелени крагни“.

Австралија е втора во светот, зад САД, по консумацијата на место, додека сточната индустрија претставува 40% од целокупното земјоделско производство.

Протестите се одржале во сојузните држави Викторија, Нов Јужен Велс и Квинсленд, со цел да се добие вниманието на јавноста за односот кон животните и етичките прашања поврзани со јадењето месо.

„Сакаме луѓето да станат вегани, сакаме да престане поддршката кон злоупотреба на животните. Животните страдаат на начини на кои повеќето од нас никогаш не би можеле ни да замислат. Не се работи само за поголеми кафези – туку за ослободување на животните“, изјавила Кристин Леиг, една од демонстрантите.

Од полицијата соопштиле дека 38 демонстранти биле уапсени во Мелбурн, додека дополнителни 9 лица биле уапсени во кланица во Голбурн, стотина километри јужно од Сиднеј, откако се заврзале за машините.