Австралијците протестираа против ограда околу Парламентот со тркалање по трева

Стотици Австралијци се тркалаа во паркот околу Парламентот во Канбера, во протест против плановите за изградба на безбедносна ограда на тоа место.

Според новите анти-терористички мерки, 2,6 метарска бариера набрзо може да го блокира јавниот пристап до зелената површина, омилена од граѓаните кои живеат или го посетуваат главниот град на Австралија.

Настанот го организираше Лестер Јао преку социјалните мрежи, каде многу бргу се прошири. Иако првично протестот со тркалање бил планиран како собир на роднини и пријатели, тој бил одушевен кога скоро 3 илјади луѓе изразиле интерес за овој уникатен протест преку Фејсбук.

„Тоа е приказна која ја слушам често од луѓе кои живеат во Канбера, или го посетуваат овој град и зградата на Парламентот. Тие се шетаат по прекрасната зелена површина и имаат неверојатен поглед на Канбера, тогаш тие паѓаат на колена и се тркалаат по надолницата“, напишал Јао во описот на настанот, пренесува ББЦ.

„Оваа забавна активност го вклучува многу едноставниот, но, сепак, моќен симбол на демократијата: дека граѓаните можат да се искачат до нивната избрана власт. Барем тоа, според мене, била намерата на архитектот кој ја дизајнирал зградата на Парламентот“, додава тој.

За изградба на контроверзната ограда, која е дел од 44 милиони долари вредните мерки за безбедност на австралиската Влада, не е даден цврст рок, но работите можат да почнат во текот на летниот период следната година.

Премиерот Малком Турнбул ги бранеше плановите изјавувајќи дека „Парламентот е дом на граѓаните“, но дека е „од критична важност да се најде вистинскиот баланс кога во прашање е безбедноста“.

Членовите на Парламентот изгласаа поставување на оградата, иако нејзиното градење не ја поддржаа сите од нив. Пратеникот Ендру Броад од Националната партија на Австралија, изјавил за локален медиум дека децата треба да можат да си играат и тркалаат по препознатливата трева.

„Да не дозволим терористите да ни го уништат нашиот начин на живот“, повика тој.

Броад вели дека од кога бил дете не се тркалал по ридот, но дека лидерите на Австралија треба да размислат да учествуваат во такво нешто.

„Мислам дека тоа би било добро да се види на крајот на годината – сите политичари да излезат од Парламентот со тркалање по тревата и на тој начин да покажат дека и забавата најпосле е дел од Парламентот “, изјавил тој.