Австралијците поддржаа истополови бракови

61,6% од жителите на Австралија поддржаа легализирање на истополовите бракови, во гласањето кое имаше необврзувачки карактер. За прашањето гласот го дале повеќе од 12,7 милиони граѓани, со голема излезност од 79,5%, соопшти Австралиското биро за статистика.

Поддржувачите на истополовите бракови прославија на плоштадите и јавните површини со знамиња во бојата на виножитото.

Ваква промена била одобрена во сите држави и територии во Австралија.

Предлог законско решение веќе било доставено до сенатот синоќа, а сега се очекува да се дебатира за деталите.

Веднаш по соопштување на резултатите во Канбера биле поставени билборди со порака до политичарите за брзо претворање на одлуката во закон

Австралискиот премиер, Малком Трнбул изјавил дека неговата влада ќе биде насочена законот да се донесе во парламентот до Божиќ.

„Австралијците го кажаа своето мислење во голем број и доминантно рекоа „да“ за еднаквост на бракот. Тие гласаа за праведност, гласаа за посветеност, гласаа за љубов“, изјавил премиерот по соопштување на резултатите.

Прашањето, кое гласеше „Дали законот за брак треба да се промени за да се дозволи истополовите парови да стапат во брак“ беше ставено на доброволно поштенско гласање кое траеше 8 недели, по долга дебата околу промена во законот за брак на Австралија.

Резултатите од гласањето ставаат точка на кампањата, која во одредени периоди беше навистина жестока. Поддржувачите спореа дека дебатата е околу еднаквоста, додека противниците го ставаа фокусот на дефинирањето на семејството, изражувајќи загриженост околу тоа како родовите прашања би се предавале во училиштата.

Поддржувачите на истополовите бракови го критикуваа гласањето како непотребно, посочувајќи дека парламентот треба директно да дебатира по ова прашање.