Шеесет и едногодишната Кери Робертсон почина во старечки дом во Викторија, Австралија по 9 годишна борба со рак на дојка.
Нејзината смрт е првата која е потпомогната од новиот закон кој постои само во оваа австралиска држава, пренесува Би би си. Тој им дозволува на смртно болните пациенти, на кои не им преостануваат повеќе од шест месеци живот, да го прекинат користејќи смртоносни дроги.
На Робертсон и беше дијагностициран рак на дојка во 2010 година кој подоцна се прошири на нејзините коски, бели дробови, мозокот и стомачните органи.
Откако болката и несаканите ефекти станале неиздржливи, таа, во март, одлучила да престане со хемотерапија. По долгиот процес на чекање, летово конечно државните органи и ја одобрија можноста да ја изврши сопствената еутаназија.
„Сите бевме покрај неа, Дејвид Боуви свиреше во позадина, беше опкружена со љубов.“, изјави нејзината ќерка Никол.
„Беа кажани последните зборови, едноставно и достоинствено. „За мене тоа е најубавиот дел: знаењето дека сторивме сè што можеме за да ја направиме среќна во животот и да и биде пријатно во смртта“, додава таа.
Ваквиот закон е единствениот од овој тип во светот. Тој беше донесен во 2017 година по 100 часа парламентарна дебата која длабоко ги подели пратениците во Викторија.
Законот се состои од 68 заштитни мерки кои мора да бидат исполнети од барателот.
Меѓу другото, болниот мора да испрати три барања за прекин на својот живот до специјално обучени доктори, мора да има барем 18 години и да има преостанато помалку од 6 месеци живот.
Истите барања подоцна мора да бидат прегледани и одобрени од специјална комисија.
Слични закони се земаат во предвид и во други австралиски држави. Засега вакви закони постојат и во Канада, Холандија и Белгија.