Австралија можеби ќе ги прогласи „first-person shooter“ игрите за коцкање

Австралиски политичар, пратеникот Ник Ксенофон, побара игрите како популарната Counter Strike да бидат дефинирани со закон како коцкање.

Независниот сенатор на Јужна Австралија, во неделата предложи „first-person shooter“ игрите да влезат под моменталниот Закон за интерактивно коцкање, напишан во 2001 година.

„Ова е Дивиот Запад за онлајн коцкањето, кое всушност таргетира деца“, изјавил Ксенофон.

Counter Strike: Global Offensive е една од најуспешните вакви игри на светот, откако ја воведе алатката за купување оружја во август 2013 година. Со тоа се овозможи виртуелните оружја набавени во играта да се претворат во вистински пари.

Оружјата имаат одредена вредност во зависност од тоа колку се ретки, но можат да достигнат цена до илјадници долари. Можат да се купат и продадат на пазарот на компанијата која ја произведува играта, или на независни страници.

Оружјата можат да се користат и како чипови за казино во онлајн игрите на блекџек и рулет.

Фирмата за истражување на игри Eilers & Kercik Gaming во јуни процени дека коцкањето со оружја има годишен обрт од околу 9,74 милијарди долари.