Австралија ќе поставува семафори на земјата бидејќи пешаците гледаат во телефоните

Бидејќи просечниот пешак постојано гледа во својот телефон додека пешачи сам, владата на Нов Јужен Велс, Австралија реши да тестира семафори вградени во земјата на крстосниците во Сиднеј од декември.

Иако е „заситена од пешаците кои не можат да ги тргнат очите од екранот“, владата е обврзана да се обиде да ги заштити нивните животи, пишува Mashable. Затоа, ќе имплементира шестмесечен тест период на семафорите, кои ќе чинат 250000 австралиски долари.

„Пешаците се помалку заштитени во случај на сообраќајка, и затоа постои поголема шанса да бидат сериозно повредени или да починат. Затоа мора да создадеме сообраќаен систем кој ќе ги одржи безбедни, а тоа ги вклучува и ситуациите кога тие можеби не се внимателни“, изјавил Бернард Карлтон, извршен директор на Центарот за сообраќајна безбедност.

Локациите на новите сообраќајни светла сѐ уште не се најавени, но се очекува дека ќе бидат инсталирани на пет места во сиднејскиот централен бизнис кварт.

Иницијативата е најавена како дел од рекламната кампања Towards Zero, кога цели да го потенцира човечкото влијание во сообраќајните несреќи.

Во 2015 година, 61 пешак починал на патиштата во Нов Јужен Велс – пораст од 49 посто од 2014 година.

„Светлата се наменети за пешаците кои користат мобилни телефони и кои не гледаат каде одат“, вели Карлон. „Тие ќе служат како уште еден слој предупредување врз сите постоечки светла и сигнали“.

Слична иницијатива започна во Аугсбург, Германија во април. Основната цел таму е да се спречат „телефонските зомбија“ да одат на железничката пруга.