Австралија ги забрани пластичните кеси за еднократна употреба, потрошувачите негодуваат

Најголемите австралиски супер-маркети се соочуваат со бесот на потрошувачите, бидејќи од 1 јули се воведува трајна забрана за употреба на пластичните кеси за еднократна употреба.

Според локалните медиуми, бројни се примерите на инциденти меѓу купувачите и луѓето што работат на каса, бидејќи веќе не смеат да даваат пластични кеси за една употреба, додека трајните кеси се наплатуваат.

Отстранувањето на кесите за еднократна употреба е дел од националната кампања за намалување на загадувањето. Од 1 јули, во речиси сите австралиски држави, е забрането да се користат еднократните пластични кеси.

Повеќе од осум милиони тони пластика секоја година завршуваат во океаните, покажуваат анализите на програмата на ОН за животна средина. Од ОН сакаат целосна забрана за употребата на пластични кеси за еднократна употреба до 2022 година и велат дека повеќе од 60 земји досега преземеле мерки за забрана или намалување на потрошувачката на пластика.