АВМУ: Прекршување на правилата за референдумско рекламирање

Со мониторингот на медиумското претставување за време на референдумот, кај повеќе радиодифузери, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) констатирала неколку прекршувања на правилата за емитување платена јавна пропаганда.

„Не се почитува дозволеното време за емитување на рекламните пораки ‘ЗА’ референдумот, вакви реклами се емитуваат и во програми во кои тоа не е дозволено, во случајов во посебни информативни програми, и рекламирањето во врска со референдумот не е означено и не е јасно одвоено од другите реклами на радиодифузерите“, соопштува АВМУ.

Согласно Упатството за медиумско претставување за време на референдум, АВМУ потсетува дека рекламните пораки „ЗА“ референдумот може да траат најмногу 4 минути и 30 секунди на секој реален час емитувана програма.

„Истото важи и за рекламните пораки „Против“, односно за „Бојкот“ на референдумот.  Вкупното времетраење на сите рекламни пораки поврзани со референдумот може да изнесува 9 минути на секој реален час емитувана програма; Редовното време за емитување реклами од 12 минути не смее да се користи за емитување платена јавна пропаганда, која пак треба да биде јасно одвоена од другите реклами“, стои во соопштението.

Платената јавна пропаганда, велат од АВМУ, не смее да се емитува во вести, посебни информативни програми, за време на директни преноси од верски, спортски, културни, забавни и други настани, како и во и околу програми за деца и млади.

Агенцијата апелира до сите радиодифузери веднаш да го усогласат емитувањето на платената јавна пропаганда со Упатството и информира дека за сите прекршувања констатирани наредните денови, ќе бидат изречени соодветни мерки.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.