АВМУ: Kомуникацијата со медиумите да биде отворена и двонасочна

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги апелира Владата и другите надлежни институции да ја унапредат комуникацијата со новинарите така што таа ќе биде отворена и двонасочна.

Апелот доаѓа по реакции на медиумските работници за начинот на комуникација и степенот на транспaрентност на владините институции и здравствените центри.

„Во вонредна состојба исклучително е важно да им биде овозможено на новинарите професионално да ја извршуваат својата работа и да им биде даден простор за потпрашања на добиените одговори. Само така нема да биде загрозена слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните, односно пристапот до објективни, навремени и сеопфатни информации. Воедно, Агенцијата смета дека надлежните органи и институции треба да избегнуваат да користат комуниколошки облици кои според форматот наликуваат на медиумски информативни емисии, како што беше неодамнешниот пример“, велат од Агенцијата.

Покрај ова, потсетуваат дека e неопходно на сите медиуми без исклучок, вклучувајќи ги и онлајн медиумите кои не се во Регистарот на професионални онлајн медиуми на СЕММ и ЗНМ, да им биде обезбеден еднаков пристап за известување, а медиумите да ги почитуваат професионалните стандарди и принципи. Од Агенцијата побара да се вложат максимални напори за обезбедување на заштита и безбедност на медиумските работници.

Подобра комуникација и транспарентност на владините институциите и здравствените центри, претходно побараа и од Здружението на новинари на Македонија, откако до нив пристигнале забелешки од нивните членови.

Оттаму посочуваат дека институциите не смеат да си дозволат да споделуваат информации само со одредени новинари или медиуми пред одржување на прес-конференциите и на тој начин да се обезбедува ексклузива на одредени медиуми, наспроти сите останати кои се упатени да ги следат прес-конференциите.

„Кога се наоѓаме во вака деликатна ситуација, сите медиуми треба да имаат еднаков пристап до информации кои се важни за јавноста“, сметаат од ЗНМ.

ЗНМ: Слободата на изразување мора да биде гарантирана и во време на вонредна состојба