АВМУ: Канал 5 преку Миленко Неделковски Шоу шири хомофобија и говор на омраза

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните медиуми“ го поздрави извештајот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за програмски надзор во кој се вели дека Канал 5, со изјавите и ставовите во дел од изданијата на „Миленко Неделковски Шоу“ поттикнува и шири дискриминација, нетрпеливост и омраза врз основа на сексуална ориентација.

Агенцијата укажува дека прекршувањето на законот се однесува на тоа што „во неколку по ред последователни емисии кои се однапред снимени, телевизискиот програмски сервис на државно ниво ТВ Канал 5 носи уредничка одлука да му овозможи на авторот на емисијата да биде извор на хомофобија и говор на омраза врз основа на сексуална ориентација“.

Извршениот програмски надзор од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е реализиран по службена должност и се однесува на неколку емисии на Миленко Неделковски. Агенцијата во својот извештај за оценувањето дали во овие емисии има хомофобија, дискриминација и говор на омраза врз основа на сексуална ориентација, се повикува на неколку законски одредби како Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Извештајот содржи и предлог директорот на Агенцијата снимките од емисиите и Писмениот извештај од надзоророт да ги достави до Комисијата за заштита од дискриминација.

Од Коалицијата ја поздравија оваа одлука на Агенцијата за вршење надзор врз медиумски содржини кои шират омраза и нетрпеливост кон одредени групи на граѓани.

„Особено ја поздравуваме одлуката за интерсекторска соработка меѓу Агенцијата и Комисијата за заштита од дискриминација заради понатамошно постапување во случаи на говор на омраза. Сметаме дека ова е одлука која треба да служи за пример на сите професионални медиумски регулаторни тела и комисии, изготвена во согласност со највисоките стандарди и етички кодекси“, се наведува во нивното соопштение.