АВМУ го следи медиумското покривање за локалните избори

Започнува мониторингот на известувањето на радиодифузерите за локалните избори 2017 година, информираат од Aгенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), кои го спроведуваат мониторингот согласно Изборниот законик.

„До сите радиодифузери веќе е испратен допис во кој прецизно се информираат за обврските од Изборниот законик до коишто треба да се придржуваат до започнувањето на изборната кампања, а ќе се одржат и посебни обуки. За начинот на известување на радиодифузерите, Агенцијата ќе објавува извештаи за секој период од 10 дена“, велат од АВМУ.

Од таму  потенцираат дека методологијата за мониторинг и Изборниот законик се достапни на веб страницата на Агенцијата, но и дека сите информации поврзани со локалните избори ќе бидат објавувани оваа страница.

„Потсетуваме дека од денот на распишување на изборите тече рокот од пет дена, во кој сите телевизии и радија коишто ќе емитуваат платено политичко рекламирање за време на изборната кампања, треба да ги утврдат и достават ценовниците до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (преку архива или на е-адресата contact@avmu.mk), до Државната изборна комисија, до Државниот завод за ревизија и до Државната комисија за спречување на корупцијата“, стои во соопштението.