„Авијатичарот“ од Евгенија Водолазкин е добитник на наградата „BookStar 2019“

Моментално рускиот писател број 1 на сите светски листи – Евгениј Водолазкин, годинава е добитник на наградата „BookStar“ за најчитана книга помеѓу две изданија на Фестивалот.

Вечерва во киното „Фросина“ во МКЦ ќе биде промовиран неговиот роман Авијатичарот, во издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Ѓорѓи Крстевски. Романот е најчитаниот наслов во книжарниците на „Антолог“ оваа година, а е објавен со поддршка на Институтот за преводи на Русија. Покрај овој роман, ќе бидат промовирани уште две претходно објавени книги од овој автор – Лавр и Соловјов и Ларионов, во превод на Павел Попов.

Промотор на романите ќе биде книжевникот и универзитетски професор Венко Андоновски, а настанот ќе го модерира Ана Јовковска.

Во четврток, пак, 10 октомври, со почеток во 10 часот, во Салата за седници на Филолошкиот факултет во Скопје, во чест на добивањето на наградата „BookStar“, Евгениј Водолазкин ќе одржи почесно универзитетско предавање на тема Неколку размисли за современиот роман. Освен тоа што студентите и гостите ќе можат да поразговараат непосредно со овој голем руски писател и да ги слушнат неговите видувања за романот денес, во оваа пригода ќе му биде доделена и наградата „BookStar 2019“, со што ќе заврши и официјалниот дел на Фестивалот. Предавањето ќе биде на руски јазик, а обезбеден е превод на македонски.

Авијатичарот почнува со мистерија. Инокентиј Петрович Платонов се буди во болница во 1999 година, без сеќавање за тоа кој е или како се нашол таму. Иако изгледа како да е триесетгодишен, постепено сфаќаме дека е постар од еден век! Вистински Робинсон Крусо, фрлен на брегот на еден чуден модерен свет што не го разбира и од кој де факто е изолиран. Како точно пристигнал во постсоветската ера, очигледно транспортиран директно од 1920-тите?

Места и моменти во времето од руската култура, вклучувајќи го и револуционерниот и постреволуционерниот Петроград. Единствената, временски фрактурирана биографија на Платонов му дава широка перспектива на рускиот живот: исто како што еден авијатичар би можел да испита широк простор озгора, неговите спомени датираат од раниот советски период до крајот на дваесеттиот век.

Евгениj Водолазкин е руски писател роден во 1964 година во Киев, Украина. Од 1990 година работи во Одделот за староруска литература, каде што е водечки научен соработник. Автор е на повеќе од сто трудови поврзани со древната и со новата руска литература. Предава на универзитети во Минхен и во Санкт Петербург. Неговиот роман Лавр ги освојува наградите „Големата книга“ и „Јасна Полјана“ во 2013 година. Преведен е на повеќе од 15 јазици. Историјата е негова првична инспирација, без оглед дали турбулентните времиња на Октомвриската револуција или наследството на византиската култура.

Фестивалот „BookStar 2019“ беше отворен вчеравечер со промоциите на книгите Двојно стакло од Халдора Тородсен (Исланд) и Воспитувањето девојки во Чешка од Михал Вивег (Чешка). Покрај Евгениј Водолазкин, вечерва ќе бидат промовирани и книгите Бележникот на татко ми и Куќата на џамијата од Кадер Абдолах (Холандија). А утревечер пак ќе се одржи промоција на книгите Исцелување на светот од Слободан Шнајдер (Хрватска) и Малтерего од Марко Шелиќ Марчело (Србија).

Денеска и утре, освен фестивалските промоции, посетителите ќе имаат можност да ги проследат и книжевните дискусии Да се биде европски романописец денес (8 октомври, 17 часот) и Во сенката на читателот (9 октомври, 17часот), организирани во соработка со Друштвото на писатели на Македонија, а во рамките на проектот United we read! / Читаме заедно.

Сите фестивалски настани и активности се достапни во програмата на настанот на „Фејсбук“.

Фестивалот е поддржан од програмата Креативна Европа на Европската Унија, Министерство за култура на Република Северна Македонија, мрежата „Традуки“, Институтот за преводи на Русија, Холандскиот литературен фонд, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Република Чешка, Исландскиот книжевен центар, Младинскиот културен центар и Друштвото на писатели на Македонија.