Ави Авитал, светската сензација на мандолина солист со Македонската филхармонија

 

Светската музичка сензација Ави Авитал од Израел, на 24 март во Домот на АРМ во 20 часот, ќе настапи како солист на мандолина заедно со оркестарот на Македонската филхармонија на концертот насловен „Алхемија“.

Под палката на еден од најдобрите европски диригенти, Михал Нестерович од Полска, „Греми“ номинираниот виртуоз Авитал ќе изведе два Концерти за мандолина и оркестар од Јохан Хумел и Антонио Вивалди.

На концертот насловен „Алхемија“, под палката на маестро Нестерович, Македонската филхармонија ќе ги изведе и „Три танци во стар стил“ од еден од најдобрите полски современи композитори Хенрик Горецки, како и грандиозната Симфонија бр. 4 од музичкиот гениј Лудвиг ван Бетовен.

Изведбите на Ави Авитал според „Њујорк тајмс“ се „исклучително чувствителни и прекрасни“. Критиката ќе каже дека тој е своевидна сензација, и е едногласна дека е вистински виртуоз кој свири со огромна посветеност.

Ави Авитал (1978) е роден во Израел, а мандолина почнува да учи на осум години, за наскоро да се приклучи на мандолинскиот младински оркестар основан од неговиот учител, рускиот виолинист Симка Натансон. Се запишува на Академијата за музика во Ерусалим, а потоа заминува во Италија каде што студира на Конзерваториумот „Чезаре Полини“ во Падова. Во 2007 година станува првиот изведувач на мандолина што победил на престижниот натпревар „Авив“ во Израел за солисти.

Во 2008 ја доби наградата „ECHO“ за снимката со Триото на Дејвид Орловски, а во 2010 година стана првиот изведувач на мандолина што беше номиниран за „Греми“ за најдобар солист. Во 2012 година потпишува ексклузивен договор со „Дојче грамофон“, а неговиот деби-албум содржи транскрипции на концертите од Бах за чембало и виолина, аранжирани за мандолина и оркестар. Неговото цеде од 2014 насловено „Помеѓу световите“ со дела од Дворжак, Блох, Вила-Лобос, Пјацола, го носи на турнеја низ Европа, а изданието од оваа година, пак, ги носи звуците на Венеција со популарните концерти на Вивалди и Барокниот оркестар на Венеција.

Откако победува на Европскиот натпревар за диригирање „Кадакес“, Шпанија, во 2008 година, полскиот диригент Михал Нестерович (1974) застанува зад пултот со голем број водечки оркестри и ансамбли во Европа. Оваа концертна сезона го прави дебито со Минхенската филхармонија, со Симфонискиот оркестар на Хамбург, со Филхармонијата на Луксембург, а се враќа да диригира и со симфониските оркестри на Барселона, Базел, Галиција, со Кралската филхармонија. Тој е музички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Тенерифе.

Роден е во Вроцлав каде што и дипломирал на тамошната Академија за музика со највисоки оценки во класата на Марек Пијаровски (1997). По две години станува еден од победниците на Интернационалниот натпревар по диригирање во Катовице. Во 2004 година, на 29 години, маестро Нестерович е назначен за уметнички директор на Полско-балтичката филхармонија во Гдањск. За него критиката вели дека е уметник од кој не може да се остане рамнодушен, бидејќи поседува „експресивна гестикулација, интелигентна музичка имагинација и неговите концерти се навистина уникатни“.