„Авангардни патишта“ – Камерен концерт на современа, експериментална музика

„Авангардни патишта“ е насловот на камерниот концерт на современа, експериментална музика, кој ќе се одржи во малата сала на Македонската филхармонија на 1 декември (сабота) во 20 часот. Станува збор за концерт на двајцата исклучителни уметници од САД – Ричард Валитуто, пијано и композиција и Дејв Вилсон, саксофон и композиција.

Валитуто и Вилсон за овој прв заеднички настап во Скопје се одлучија да изведат програма од современи автори, меѓу кои Rebecca Saunders, Philip Cashian, John Cage, Nicholas Deyoe, како и нивна композиција под наслов „Slant“ која се наоѓа и на нивниот последен албум.

Фокусирајќи се на современата музика, изведувајќи ја на пијано, оргула и чембало, греми номинираниот пијанист Ричард Валитуто се смета за еден од највлијателните автори денес. Тој е солист, камерен музичар, композитор, импровизатор и фантастичен креативец, кој постојано настапува опфаќајќи ги двата брега на САД, како и во Европа. Специфичниот вкус на Валитуто и вештата техника, му овозможија да соработува со видни композитори вклучувајќи ги и Џон Адамс, Брајан Фернихо, Софија Губајдулина, Џон Харбисон, Дејвид Ланг, Џорџ Луис, Мередит Монк и Стив Рајх. Член е на Камерниот оркестар, креативниот колектив „Wild Up“ кој според „Њујорк тајмс“ беше прогласен за најдобар состав за класична музика во 2015. Постојано соработува со извонредниот саксофонист Дејв Вилсон од САД, како дуо „Слант“, но и со неговата сопруга и партнерка, сопранот Џастин Аронсон, изведувајќи дела од современи автори.

Дејв Вилсон е саксофонист, композитор и етномузиколог. Неговата музика вклучува дела за камерни ансамбли, оркестар и џез-состави, а има работено и во сферата на комерцијалната и филмската музика како изведувач, аранжер и композитор. Зад себе има богато искуство како музички уметник, а неговите последни албуми добија одлични оценки од публиката и од музичката критика, вклучувајќи ги „In Passing“ (SkyDeck Music, 2017) – албум со оригинална музика за ут и кларинет / бас кларинет дуо во соработка со Гејб Лавин; потоа „On the Face Place“ (SkyDeck Music, 2017) – со скопскиот џез- состав „CSPS“ ансамбл; и наскоро албумот „Слант“ (pfMENTUM, 2018) – дуо во соработка со пијанистот Ричард Валитуто. Настапувал и како изведувач и како автор и во Македонија, вклучувајќи ги фестивалите „Денови на македонска музика“, „Скопско лето“, со групата „Љубојна“ и со многу џез- музичари и диџеи од македонската електронска музичка сцена. Во моментов, Дејв Вилсон е професор по џез-студии на New Zealand School of Music на Универзитетот Викторија во Велингтон. Докторирал етномузикологија на УКЛА, а во печат е неговата книга „Gateways to Understanding Music“ со Тимотеј Рајс како коавтор, која треба да излезе во 2019 година.