Невладината ХОПС (Healthy Options Project Skopje), во соработка со „Мрдни со прст“, на 11 април во 19 часот во Јавна соба одржува аукциска вечер. Средствата заработени од продадените предмети се наменети за деца, чии родители се корисници на дроги и сексуални работници.
„Како недостиг на финансии имаме потреба да мрднеме со прст и да направиме нови акции за да можат нашите дечиња да продолжат да доаѓаат во дневниот центар за рехабилитација и ресоцијализација на ХОПС, каде ќе продолжат да разговараат со својот психолог, да работат со својот педагог, ќе комуницираат со социјалните работници, ќе изработуваат креативни изработки, ќе го развиваат својот креативен ум, а воедно ќе им овозможиме и посети на културни и социјални активности“, пишуваат организаторите.
Токму тоа им било мотивација да организираат соработка со луѓе кои би им помогнале, па голем број на уметници прифатиле и придонеле со својот труд.
Аукцијата ќе ја води Сашко Коцев, а музика ќе пуштаат Александар Матовски – Цако и Гоце САФ.
На настанот ќе има тивка аукција, на која ќе се продаваат разни предмети (маици, чаши, лампи, фотографии, накит) изработени од децата од центарот или од уметниците кои учествуваат во акцијата, гласна аукција, кутија за донации и продажба на книги.