[Аудио] Темите што ја одбележаа втората сезона на „Мегафон“

Тимот на Радио МОФ ја финализираше втората сезона од аудио емисијата „Мегафон“, која во изминатава година повторно го засилуваше граѓанскиот глас, поттикнуваше дебати на актуелни теми и претставуваше приказни за кои помалку се слуша.

Во продолжение, на едно место сите епизоди од втората сезона:

1.Системски маани на образованието

Во првата емисија на „Мегафон“ за оваа сезона зборуваме за системските маани на македонскиот образовен систем.

Проблемот започнува од предучилишното образование, а продолжува и во основното и средното. Нашите соговорници ги лоцира проблемите и понудија решенија како Македонија да се мрдне од европското дно.

2.Чист воздух – само новогодишна желба

За илјадници македонски семејства и за 2019 година главната желба ќе биде намалување на аерозагадувањето. Проблемот кој убива над илјада луѓе годишно во Македонија, кој стотици граѓани поттикна на активизам и кој, се чини, властите знаат како да го решат само од опозиција.

Во втората епизода на „Мегафон“ се фокусиравме на граѓанскиот активизам и загадениот воздух – стариот проблем, за кој во 2019 година се влезе со нови ветувања.

3.Што се промени една година по трагедијата на Кајмакчалан?

Една година по трагедијата на Кајмакчалан, во третата епизода на Мегафон, анализиравме што се промени во планинарењето во Македонија, како функционираат спасувачките служби, дали може да се минимизираат опасностите при искачувањата на планина.

Во „Мегафон“ зборуваа Дарио Милошевиќ од Приватната спасителна служба, Надица Вчкова од Центар за управување со кризи, Горан Николовски од Федерацијата на планинарски спортови, Арѓенд Чиљафи од спасувачката служба при Црвен крст, Силвана Жежова, новинарка и планинарка и Дејан Атанасов од планинарскиот клуб „Македон“.

4.Родова (не)рамноправност – малку жени во политика, уште помалку мажи во градинки

Зошто немаме повеќе жени во политиката, или повеќе мажи во градинките? Голем број професии во земјава како да се предодредени за конкретен пол. Колку во тоа има улога природата на самата работа, а колку предрасудите и традицијата? Ова издание на „Мегафон“ го посветивме на родовата рамноправност во Македонија.

Изјави од пожарникарката Билјана Денчовска, пилотката Весна Петревска, режисерката Тамара Котевска, истражувачката Снешка Илиќ, психологот Елена Шереметкоска, педагогот Звездан Богдановски и Елена Мишиќ од „Чекор по чекор“.

5.Три години по Шарена револуција – некој со казни, други на функции

Шарените дамки на Јавното обвинителство, УЈП и Министерството за култура се меѓу последните траги кои останаа од најголемите протести од независноста на Македонија. Три години подоцна, колку бојата продре во институциите, или пак остана само на фасадите?

Во овој „Мегафон“ се фокусиравме на Шарената револуција и ги прашавме активистите од движењето за тоа дали во македонското општество се случија промените за кои се бореа на македонските улици.

6.Владин популизам или реални мерки за борба против сиромаштијата

460.000 македонски граѓани живеат во сиромаштија. И иако проблем со кој се соочува 22% вкупното население во државата би требало да биде страв и трепет за секој носител на одлуки, во Северна Македонија, со години наназад, во оваа сфера нема позитивни поместувања.

Во овој „Мегафон“ со нашите соговорници разговараме за актуелните проблеми и активности на полето на сиромаштијата.

7.Младинска невработеност – лоши политики или незаштитени работнички права?

Младинската невработеност на македонските граѓани останува една од најголемите во Европа. Пред секои избори устите на политичарите се полни со ветувања за решавање на овој проблем, но и понатаму скоро половина од младите во Северна Македонија се невработени.

Во оваа епизода на „Мегафон“, редакцијата на Радио МОФ провери кои мерки владата ги нуди за намалување на младинската невработеност и каков е нивниот ефект, но и за тоа каде се синдикатите во целата приказна и колку се штитат работничките права на младите.

8.Од Фејсбук до протест на улица – младите и активизмот

Во оваа епизода на „Мегафон“ зборувавме за тоа како да се поттикне поголем граѓански активизам кај младите, но и за тоа како активизмот се менува во ерата на социјалните мрежи.

Пренесовме и неколку примери од земјава и регионот на млади кои успешно ги користат демократските алатки за да го менуваат светот околу себе.

9.Парадата на гордоста ги врати во фокус ЛГБТИ правата и препреките

Последната епизода од оваа сезона на „Мегафон“ беше фокусирана на институционалните препреки и за општествените стигми со кои се соочува ЛГБТИ-заедницата, но и за значењето на првата Парада на гордоста што се организира во земјава.

Слушнете за приказните на штитениците од Сигурната куќа, но и за системските кочници и проблемите со документацијата на трансродовото лице Алекс Ристовски. Исто така, зборувавме со Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини за услугите кои системот им ги отежнува на транс-лицата и за дискриминацијата кон ЛГБТИ-заедницата, додека со Антонио Михајлов од Субверзивен фронт за пораките кои ќе се испратат на Парадата на гордоста, но и за говорот на омраза што го следи најавениот настан.