[Аудио] Руски комичари еден час разговараат со премиерот Заев претставувајќи се како Столтенберг и Порошенко

Двајца руски комичари Владимир Кузнецов (Вован) и Алексеј Столаров (Лексус), објавија аудио снимка во која се пофалија дека го прелажале премиерот Зоран Заев објавувајќи три телефонски разговори во кои тие се претставуваат како генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и поранешниот украински претседател Петро Порошенко.

Трите разговори траат вкупно нешто помалку од еден час, а во нив комичарите разговараат со Заев на разни теми, од меѓународните односи, Договорот од Преспа, безбедносната ситуација на Балканот, руското влијание во регионот и признавањето на Македонската православна црква.

Според видеото кое комичарите го објавија на својот Јутјуб профил, првиот разговор бил воден во август 2018, вториот во јануари 2019 и третиот на 20 април оваа година.

Вован и Лексус се препознатливи дека и претходно успевале да излажат политичари од други земји и славни личности. Меѓу жртвите на нивните лажни телефонски разговори се нашле и турскиот и францускиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Емануел Макрон, но и музичарот Елтон Џон.

Од Владата на Северна Македонија сè уште немаат дадено никаква информација во врска со аудио снимката.