Аудиција за документарен филм „Te Dua, Dragana“

„Пред неколку месеци во Скопје се појави графит „TE DUA DRAGANA“. Графитот храбро застана во одбрана на љубовта, а неговата порака беше погласна од сите националистички графити што го нагрдуваат лицето на Скопје. Едно попладне додека заедно со Марианџела и  Бранко пиевме турски чај во Стара чаршија решивме дека сакаме да снимаме документарен филм за оваа љубов. Иако досега сѐ уште не успеавме да ја пронајдеме Драгана од графитот, во потрагата по неа најдовме многу други девојки, жени, момчиња и мажи кои ја делат истата судбина

Но, нашата намера не е да се ограничиме на луѓето што ги знаеме лично, туку да ја прошириме идејата за овој филм до што поширок круг на луѓе кои можеби би биле заинтересирани да ни ја раскажат својата приказна пред камера. Веруваме дека во Скопје постојат многу вакви приказни и би сакале да ги слушнеме“.

Со ова појаснување, младата режисерка Ана Јакимска ја најави аудицијата за документарниот филм „Te Dua, Dragana“ која ќе се одржи утре ( 3 декември) во клубот ГЕМ во Стара чашија, помеѓу 17:00 до 19:00 часот. Станува збор за неформалната дружба со кафе, чај и колачиња, без камери и микрофони, а на која се повикани  сите заинтересирани поединци кои се во врска или брак со партнер чија етничка припадност е поинаква од нивната.

„Во оваа фаза, најважно ни е да се сретнеме со вас и да ве запознаеме“, се наведува во повикот за средбата на која се добредојдени луѓе од сите возрасти што живеат во Скопје и низ Македонија.

Филмот ќе се снима во текот на 2015-та година, во договор со секој од паровите што ќе биде вклучен во него.