Атрактивни регионални музички имиња доаѓаат на Д Фестивал во Дојран

Музичката програма на тридневниот летен отворен фестивал Д Фестивал ќе биде збогатена со дел од најатрактивните регионални изведувачи. На сцената во Дојран ќе настапат Дубиоза Колектив, Лолобриџида, Обојени Програм и Хипнотајзд.

Со повеќе од 50 изведувачи само во музичката програма, Д Фестивал кој ќе се одржи од 15 до 17 јули во Дојран, ветува исклучително тридневно фестивалско доживување.

За Дубиоза Колектив легендата на светската музичка сцена Ману Чао вели дека се најдобриот европски бенд. Со проникливите текстови спакувани во музичка мешавина од хип хоп, реге, даб и рок звук, повеќе од било кој друг бенд од регионот успеаја да ја освојат и светската публика. Репутацијата на општествено ангажирани лиричари завиени во интересните и „заразни“ музички композиции, по апсолутниот успех на албумот „Апсурдистан“, ја продолжуваат и со новото издание „Happy Machine“. Со повеќе од 5 милион прегледувања на „Јутјуб“ каналот, од ова издание посебно се издвои нумерата No Escape (from Balkan), чиј спот се најде на насловната страница на сајтот Pirate Bay, а на чиј основач Per Gottfid Svartholm му ја посветија песната „Free.mp3“. 2016 е особено продуктивна година за Дубиоза Колектив со нов албум, европска турнеја, прва турнеја во С.А.Д. со настапи на престижниот SXSW фестивал. Тие беа прогласени за Бр. 1 бенд на овогодинешното издание на „Еуросоник“ фестивалот во Холандија.

Покрај нив, на главната бина ќе наспапи еден од најоригиналните состави на Балканот, хрватската синт поп атракција Лолобриџида (LOLLOBRIGIDA). Лолобриџида веќе 12 години палат и жарат по фестивали и клубови од целиот регион. Алтернативната публика беше освоена уште со првиот сингл „Party“ од 2004 кој ја откри нивната оригиналност, по што следуваат бројни интервјуа и заслужено медиумско внимание. Она што ги прави „Лолобриџида“ посебни, се пред сѐ одличниот електро звук, диско атмосферата и панк енергијата. Трите албуми – „Cartoon explosion“ (2005), „Lollobrigida Inc;“ (2008) и „Пилула“ (2012) имаат сопствен идентитет, но она што е заедничко е пријатната еуфорија на музиката на Лолобриџида.

По подолга концертна пауза на сцената се враќа и култната група од Нови Сад Обојени Програм. Постојано креативни и амбициозни, Кебра и Обојени Програм се дел од малкуте среќници на кои не им е проблем и по четири децении кариера, повторно да се пронајдат во ново светло, да пробаат нешто ново, да ризикуваат и изненадат. Од 1980 година до денес имаат објавено 10 албуми.

Во листата изведувачи од регионот се запишува и помладата белградска група „Хипнотајзд“ (HYPNOTIZED) која за кратко време постигна значаен успех на регионалната сцена. Својот деби албум „Big Natural“ го објавија во 2010, а со својата жестока рок изведба и енергичен настап, тие не престануваат да ја изненадуваат публиката ширум регионот. Освен благодарение на провокативните текстови поради кои стекнаа голем број фанови, групата „Хипнотајзд“ е препознатилва и по несекојдневните видео спотови снимени со филмска продукција, што ги прави единствени на актуелната рок сцена.