„Атентатот во Турција“ на Бурхан Озбиличи најдобра новинска фотографија за 2017

Фотографот на новинската агенција Асошиејтед Прес, Бурхан Озбиличи, ја освои наградата „Светска Новинска Фотографија“ за 2017-та година, за фотографијата на атентаторот на рускиот амбасадор во Турција.

Сликата која го обиколи светот го прикажува моментот од 19 декември, минатата година, кога вооружениот напаѓач вика: „Не го заборавајте Алепо, не ја заборавајте Сирија“, додека во позадина лежи мртвото тело на амбасадорот Андреј Карлов.

Победничката фотографија на Озбиличи е дел од фото-серијата на настаните пред и по убиството, насловена „Атентат во Турција“, која исто така ја освои наградата во категоријата „Новински приказни“.

Бурхан Озбиличи не бил на работа кога ја направил фотографијата. Требал да се сретне со пријател, во уметничката галерија, на 150 метри од својот дом во Анкара. Но, додека изложбата била серија на слики од Русија и рускиот амбасадор имал обраќање, фотографот на АП решил да ја работи неговата работа и почнал да фотографира.

Наоѓајќи се на „два или три реда“ во позадина со останатите новинари, го документирал вообичаениот настан – кој следниот момент се претворил во место на убиство. „Веднаш сфатив дека се работи за многу важен инцидент“, вели Озбиличи.

„Сите побегнаа, легнаа на земја, се засолнија зад ѕид или под маса и беа во паника. Помислив дека бегање не е опција во ниеден случај и одлучив да останам смирен и да не се спротиставувам дополнително на напаѓачот. Само фотографирав, менувајќи ја позицијата за да добијам подобар агол, обидувајќи се да го уловам овој момент“, опишува фотографот.

Озбиличи не разбрал што викал напаѓачот или што поточно се случилио, но направил околу 100 фотографии и потоа веднаш отишол до својата канцеларија да ги испрати на Асошиејтед Прес.

„Бев шокиран кога го видов напаѓачот на првите две фотографии (како стои зад амбасадорот), но немав време да монтирам бидејќи од мене беше побарано да напишам сведоштво за инцидентот во прво лице“, објаснува тој.

Фотографиите, осовено онаа која ја освои наградата за „Светска Новинска Фотографија“ се раширија преку социјалните мрежи, но Озбиличи вели дека воопшто не размислувал за тоа.

Сепак, има и поинакви размислувања за наградувањето на фотографијата. Во текст за Гардијан, фотографот Стјуарт Френклин, кој бил дел од жирито кои одлучувале за наградените фотографии, објаснува зошто и покрај влијанието на фотографијата, гласал против таа да ја освои првата награда.

„Извини Бурхан. Тоа е фотографија на убиство, убиецот и жртвата истовремено се гледаат на иста слика и морално е проблематично за објавување како и обезглавувањата на терористите. Различно од атентатот на Престолонаследникот Фердинанд во Сараево 1914-та година, убиството има лимитирани политички последици. Постувување на фотографијата на пијадестал е само покана до оние кои размислуваат за такви наместени спектакли. Ја реафирмира поврзаноста помеѓу мачеништвото и публицитетот“, пишува тој во текстот со насловен – „Оваа слика на терор не смее да биде фотографија на годината – гласав против“.

Сите 309 фотографии кои освоија награди во сите категории можете да ги погледнете на интернет страната на „Светска Новинска Фотографија“