Атеизмот ќе се изучува во училишта во Ирска

Во историски потег на ирската влада, атеистите се здобија со правото да им се предава на децата во основните училишта дека Бог не постои. Околу 16.000 ученици во основните училишта во Ирска кои не се под контрола на Католичката или Англиканската црква ќе добиваат часови по атеизам, додека тие ќе бидат достапни и за учениците во црковните училишта, на интернет и преку апликација за смартфон.

фото: Ројтерс

фото: Ројтерс

Во образовниот систем во кој традиционално доминира Католичката црква (91% од сите училишта се католички), ќе се предава според првиот атеистички курикулум, изработен од организацијата Atheist Ireland. Од оваа учебна година, во програмата во која се изучуваат религиозната етика и вредносните системи влегуваат дела, текстови и есеи како „Магијата на реалноста“ на Richard Dawkins.

„Ќе има модули од по десет часови за децата постари од 4 години. Ова е неопходно затоа што ирскиот образовен систем премногу долго беше целосно пристрасен во полза на религиозната индоктринација. Ако родителите кои ги носат децата во црковно училиште сакаат да ги отпишат децата од часовите на кои се учи религија (на што имаат право), нашиот курс може да биде алтернатива“, вели Michael Nugent, ко-основачот на Atheist Ireland.

Бог е сеприсутен во ирскиот устав од 1937, а од создавањето на Ирската република, до 93% од 3.200-те училишта се под контрола на Католичката црква, што значи дека за нив е одговорен локалниот католички бискуп. И покрај ова, трошоците на училиштата ги плаќаат ирските даночни обвзрници, а не Црквата. Поради ова, исркиот министер за образование Ruairi Quinn вети реформи, со кои моќта во образованието ќе се пренесе во рацете на избраните функционери.