Атеистите во Србија побараа „црковен данок“ за СПЦ, наместо буџетски средства

Здружението „Атеисти на Србија“ преку соопштение до јавноста повика власта да воведе „црковен данок“, со што би почнало оданочување на верските заедници во земјата, а истовремено би се сопрело нивното финансирање од државниот буџет.

Тие на својата интернет страница посочуваат дека Српската православна црква (СПЦ) годишно добива околу 7 милиони евра, на сметка на тоа што се води како невладина организација.

„Ја повикуваме државата да ги оданочи и да ги воведе во системот на ДДВ црковните работи, како и наместо да се издвојуваат средства од буџетот, кој го полнат сите граѓани, на верските заедници да им се овозможи далеку полукративен данок кој би го добивале редовно со одвојување од платата од сопствените верници. Најпосле, тоа е најдобро и најправедно согласно современиот свет, кон кој и самите веројатно тежиме“, сметаат од здружението.

Според предлогот, „црковниот данок“ би го плаќале даночните обврзници кои ќе се декларираат како верници. Посочувајќи го примерот од Германија, данокот би изнесувал 8 или 9 проценти од бруто платата на секој вработен кој пред даночните институции се изјаснил за верник. Според пресметките на здружението, на овој начин СПЦ би добила и повеќе од десет пати од тоа што го добива од буџетот, или околу 760 милиони евра годишно.

„Па во што е тогаш проблемот? Кој при чиста совест би се откажал од толку големо богатство? Најверојатно проблемот е во тоа што ако некој тоа би го предложил и би вовел таков данок, брзо ќе се испостави дека во цела Србија нема ни 5.000 верници на СПЦ“, додаваат од здружението.