Астронаутката Кристина Кох слета на Земјата по 328 дена поминати во вселената

Астронаутката на НАСА, Кристина Кох, се врати од своето патување во Меѓународната вселенска станица кое траеше 328 дена, со што го сруши рекордот за најдолг самостоен престој во вселената како жена, а заедно со нејзината колешка астронаут Џесика Меир беа првите кои учествуваа во потполно женска „прошетка во вселената“.

Кох слета на Земјата денеска во раните утрински часови во придружба на астронаутот од Европската вселенска агенција Лука Пармитано и рускиот космонаут Александар Скварцов. Вселенското летало „Сојуз“ ги врати астронаутите во близина на Жезказган , Казахстан.

За време на нејзината мисија, Кох имала шест „прошетки во вселената“ – вклучително уште две со Меир – и поминала 42 часа и 15 минути надвор од станицата.

Кох, исто така, посветила голем дел од своето време на различни експерименти и истражувања.

Вселенската станица делува како орбитална лабораторија што може да се искористи за да се тестира како различни аспекти од секојдневниот човечки живот на Земјата реагираат при недостаток на гравитација.

На станицата, астронаутите спроведуваат разни научни активности. Понекогаш, тие се предмет на тестирање, придонесувајќи за студиите за здравјето на луѓето во вселената. Но, тие соработуваат и со научници на Земјата за да ги тестираат нивните експерименти.

Инаку, Кох го надмина претходниот рекорд на астронаутот Пеги Витсон од 288 дена поминати во вселената. Сепак, астронаутот на НАСА, Скот Кели го држи генералниот рекорд со 340 дена во вселената.