Астрофизичарите ја објавија најголемата 3Д карта на Универзумот

Астрофизичарите денеска ја објавија најголемата тродимензионална (3Д) карта на вселената, која е резултат на анализа на повеќе од четири милиони галаксии и исклучително сјајните и богати со енергија квазари.

Напорите на стотина научници од 30 светски институции резултираа со „заокружена приказна за ширењето на Универзумот“, вели Вил Перцивал од канадскиот Универзитет „Ватерло“.

Мапата се заснова на најновите откритија собрани во рамките на „Sloan Digital Sky Survey“, а податоците се собрани со оптичкиот телескоп во Ново Мексико во претходните шест години.

Почетокот на Универзумот по Големата експлозија е релативно добро познат благодарение на опсежните теориски модели и набљудување на позадината на космичките кратки бранови кои се електромагнетни зрачења на младите галаксии.

Истражувањата на галаксиите и мерењето на растојанијата истовремено придонесоа за сфаќање на ширењето на Универзумот низ милијарди години.

Кајл Досон, од Универзитетот во Јута, кој ја објави картата, изјави дека научниците се справиле со „проблематичниот јаз во средината на 11 милијарди години“.

Астрофизичарот Жан-Пол Кнеиб, од Швајцарскиот институт за технологии во Лозана, рекол дека целта било да се создаде „најкомплетна 3Д карта на Универзумот низ целиот живот на вселената“.

Астрофизичарите со години знаат дека вселената се шири, но не успеваа да го измерат темпото на ширењето со точна прецизност. Мапата открива дека ширењето на Универзумот почнал да забрзува во одреден период и оттогаш продолжува да забрзува.

Научниците сметаат дека тоа се должи на постоењето на темната енергија, невидлив елемент кој се совпаѓа со генералната Теорија на релативитет на Алберт Ајнштајн, но чие потекло сè уште не е доволно проучено.