Асоцијацијата за е-трговија и Економскиот факултет потпишаа меморандум за соработка

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и Економски факултет Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” потпишаа меморандум за соработка, со цел заеднички да придонесуваат кон развојот на е-трговијата и развивањето на способностите, дигиталната писменост и градењето на капацитети во секторот за е-трговија во Република Македонија.

Меморандумот за соработка, што воедно претставува и пристапување на Економски факултет во почесно членство во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, го потпишаа претседатот на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска и деканот на Економски факултет, проф. Д-р Љубомир Дракулевски. 

„Овој меморандум ми претставува посебно задоволство и чест. Едно, затоа што јас лично се градев тука за време на додиполмските и магистерските студии, а потоа и дадов придонес кон науката со мојот докторски труд во полето на е-трговијата. А второ, затоа што едукацијата е клучна за нашата земја и особено за дигитализацијата. Еден од главните предизвици е токму ниската дигитална писменост на населението на кое можеме да работиме заедно со Економскиот факултет” – вели Нина Ангеловска, претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија.

Потписниците на Меморандумот, соработката ќе ја остваруват преку споделување на релевантни информации од областа на е-трговијата, заеднички ќе придонесуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата за потребите на корисниците на услугите, како и преку споделување на тековни и нови искуства, релвантни за областа на дејствување и соодветната целна група.

„Работата на Асоцијацијата за е-трговија е од особено значење за развојот на електронската трговија во Македонската економија како помеѓу крајните корисници така и помеѓу компаниите. Има уште многу работи на кои може да се работи и да се унапредуваат. Економскиот факултет при Универитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје е пионер во едукацијата и развојот на оваа научна област во Република Македонија, и оваа соработка со Асоцијацијата за Е-Трговија е од особено значење за понатамошниот развој и унапредување на состојбите во оваа област.” – изјави професорот Љубомир Дракулевски, декан на Економскиот Факултет.

Од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија посочуваат дека ќе продолжат со соработката со високо образовните институции, со цел да се зголеми вклученоста на професорите  и студентите во растот и развојот на е-трговијата.