Асоцијација на архитекти: Политичарите не се стручни да оценуваат безбедност на зграда, тоа го прават инженерите

Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) упатија своја реакција откако реконструкцијата на Универзална сала е ставена во застој. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, изјави дека застојот е поради погрешна проектна документација.

Како што истакна во изјава за медиумите, продолжувањето со какви било градежни активности, предвидени во првичниот проект за реконструкција на салата би значело и опасност по безбедноста на граѓаните. На ова реагираат од ААМ апелирајќи да престане омаловажувањето на струката и нејзино користење во дневно-политички пресметки.

„Ниту градоначалниците ниту министрите не се тие кои треба да гарантираат материја вон нивните овластувања и експертност. Само стручњак со ист или повисок степен на квалификација може да суди дали некој проект е точен или неточен. Извинете, но плукајќи се меѓусебе цело време ги опоганувате оние кои вистински работат“, реагираат од Асоцијацијата.

Градоначалничката Арсовска претходно рече дека во проектот биле пронајдени недостатоци кои не соодветствуваат со фактичката состојба, а кои претходната градска власт ги игнорирала и продолжила со реконструкцијата на Универзалната сака.

Спротивно на ова, од Асоцијацијата велат дека за квалитетите на проектните решенија стандардизирани со закон можат да се произнесат самите учесници според нивната хиерархиска стуктура: проектант, одговорен проектант, ревидент, супер-ревидент.

„ Оттука, секој градбен процес е резултат на точно законски одредена процедура со што се гарантира физичката, економско-правната, социо-културната и секоја друга безбедност на проектантот, изведувачот, корисникот, инвеститорот и на крај општеството. Доколку стручно и овластено лице и само такво лице, увиди неточности во проектот од својата област, должен е да побара супер ревизија на целиот проект како не би дошло до било какво загрозување на безбедност на граѓаните. Тогаш, проектот треба да биде сопрен, а сите инволвирани да бидат исправени пред лицето на правдата, и проектанти и ревизори и изведувачи и нарачатели, а компаниите кои тоа го верификувале да им бидат одземени сите лиценци и дозволи за работа“, се вели во реакцијата на ААМ.

Градоначалничката Арсовска рече дека проектот за Универзална сала нема да застане, туку дека ќе се спроведе со решенија кои се безбедни и сигурни за граѓаните. Но, од Асоцијацијата на архитекти појаснуваат дека проектот е уникатен затоа што се реконструира без да се сруши претходно постоечкиот објект.

„И затоа се нарекува реконструкција. Ниту кога се гради објект од почеток проектите не се 100% прецизни за да се изведат и секогаш при градба доаѓа до одредени ускладувања на состојби, фази и решенија. Тоа во реконструктивните зафати се појачува уште порадикално. Објект стар над 50 години доживува голем број на деформации за време на својата експлоатација кои се видливи само со инструмент или се артикулрираат при изведба на нови елементи, а при тоа треба да се додаде дека постојниот објект е од полумонтажен тип. Така што замена на одредени решенија во текот на градба на вакви објекти е сосема нормално, се додека замената не ги надмине во голема мера проектираните решенија“, посочуваат од Асоцијацијата на архитекти.

Во процесот на проектирање и контрола, забележуваат од ААМ, се вклучени и Градежниот факултет и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

„Сè додека не се повлечат од проектот истиот е легитимен“, сметаат тие.

За овој проект, Владата има одвоено 120 милиони денари.