Асистивната технологија им ги промени животите на Мејсон и Џош

Мејсон е шестогодишно дете што учи во предучилишна паралелка во САД. Тој воопшто не гледа со левото око, а во десното око има вештачка ретина што ја користи за гледање. За пишување во училиште користи посебен апарат со адаптирани брајови букви, така што секој пат кога другите ученици пишуваат диктати или учителката им диктира текст Мејсон го користи неговиот апарат.

Апаратот е купен со финансии од училиштето. Таму тој користи и посебна „паметна табла“ којашто ја употребуваат и неговите соученици.

Асистивната технологија му помогнала и на шестгодишниот Џош којшто има аутизам. И тој е ученик во предучилишна парелелка. Кога тргнал на училиште воопшто не зборувал со неговата наставничка. Бил изолиран и од другите ученици, одел покрај ѕид во училницата и имал карактеристични движења како одење на прсти и мавтање со рацете. После неколку месеци работа со асистивна технологија, наставничката на Џош забележала дека тој е особено заинтересиран во играчки што предизвикуваат звук и книги. Со текот на времето тој почнал да користи читачи за книги коишто му овозможувале да препознава фигури и да изговара зборови, имал контакт очи во очи и добил поголема самодоверба.

Асистивната технологија се употребува и во Македонија, а пример за тоа е здружението „Отворете ги прозорците“. Во рамки на здружението функционира Центар за асистивна технологија во којшто работат четири дефектолози и еден информатичар. На секој што му е потребна асистивната технологија, пристапува кон тимот којшто прво прави проценка на состојбата, а потоа препорачува уред кој му помага да има пристап до компјутерот.

Според заклучоците од истражувањето на организацијата „Отворете ги прозорците“ за улогата на асистивната технологија во процесот на инвивидуализација на наставата во инклузивните училишта, политиките за модернизација на образовниот систем треба да ги земат во предвид специфичните потреби на учениците со посебни образовни потреби преку обезбедување опрема, софтвер и електронски пристапни учебници.

Ангел Димитриевски – студент на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста