„АртТехне“, „Bloodmoon“ и „Дом за сите“ ја освоија наградата на школата за претприемништво „Од идеја до стартап“

Во конкуренција од осум тима, „АртТехне“, „Bloodmoon“ и „Дом за сите“ ја освоија наградата на школата за претприемништво „Од идеја до стартап“. На наградите им претходеше следење на 4-месечната школа „Од идеја до стартап“ која ја завршија 25 учесници. Тие формираа свои тимови и изготвија бизнис идеи.

Првонаградените „АртТехне“ го сочинуваат Горјан Аревски и Санела Вучевска. Тие освоија награда во износ од 100 илјади денари. Второнаградени „Bloodmoon“ се Дарко Илиевски, Даниел Бошкоски и Марио Станковиќ и освоија 50 илјади денари, а третонаградените „Дом за сите“ кој го сочинуваат Борјан Овезовски, Ана Пасковска, Димитар Петровски и Маја Велковски освоија 30 илјади денари. Во периодот што претстои, тимовите ќе имаат можност да ги реализираат своите идеи и да ги отворат своите бизниси.

Награите беа доделени на настанот „Можности и бариери за младинско претприемништво и вработување во приватниот сектор во Северна Македонија“ посветен на младинската вработеност, претприемништвото и образованието за претприемништво, кој неодамна се одржа во Скопје, во организација на Младински образовен форум (МОФ) и Институт за европска политика (ЕПИ).

Поддржувачи на наградите се КОМА, Synapse, Bitsia, Time.mk и Brainster.

Школата беше организирана во рамки на проектот „Ангажирање на приватниот сектор во образование за претприемништво“ кој го спроведуваат ЕПИ и МОФ, а е поддржан од Центарот за меѓународно приватно претприемништво/Center for International Private Enterprise (CIPE). Преку проектот сакаме да придонесеме кон зголемување капацитетите на младите од Северна Македонија за да се вклучат во претприемништво, да се зголеми улогата на приватниот сектор во образованието за претприемништво и да се зголеми поддршката на политики кои ги подобруваат економските услови за младите од државата.