На дваесет и четвртиот „ОФФест“ од 5 до 8 јуни ќе се претстават различни артисти од осум земји од светот, а организаторот ја карактеризира како „најсилната програма во последниве години“.
Фестивалот во Националната опера и балет (НОБ) на 5 јуни од 20 часот ќе го отвори Драган Даутовски, етномузиколог, музичар, композитор и научен работник.
„Извлечените звучни вредности од длабочините на нашата фолклорна ризницата, често надградени и осовременети, се неговиот уметнички белег“, посочува организаторот „Скопски џез фестивал“, дополнувајќи дека Драган е иницијатор на страста за музика кај неговиот син Ратко Даутовски, кој ќе настапува заедно со татко му.
Вториот дел од првата вечер е резервиран за „Canzoniere Grecanico Salentino“ (CGS), чии тантра ритми веќе педесет години како исцелуваат и пулсираат.
„Тоа се половина век на исклучително возбудлива музика и сензационални живи настапи. Основани во 1975-та од фамилијата Дуранте, а сега предводени од визионерот наследник Мауро Дуранте, CGS континуирано ги негуваат своите корени од јужна Италија и ја носат традиционалната жештина на сцените низ светот“, се вели во најавата за „Canzoniere Grecanico Salentino“, повратници на „ОФФест“ девет години по нивниот настап.
На 6 јуни на сцената НОБ од 20 часот ќе се качи Кимо Похјонен, своевиден револуционер на хармониката, а заради специфичниот стил на свирење е исклучителен и во глобални рамки.
„Имајќи ги предвид неговите уникатни проекти и композиции, Похјонен е еден од ретките артисти кои создале нов и независен жанр. Со децении редовно настапува по светот и бил на програмата на фестивали и клубови со фокус на различни музички правци. Низ долгата и плодна кариера се впуштил во проекти кои можат да се дефинираат како рок, фолк, авангарда, импровизација и класична музика. А тука се и театарските и танцови перформанси. Оригиналните и екстремни композиции, аудио деталите и анимираниот настап на сцена се главните причини зошто Похјонен е на светската мапа“, стои во најавата.
Можеби најизвиканото име на фестивалот е Марија Жоао, исто така најавена за петокот, 6 јуни. Таа неодамна издаде албум со кој ја прослави 40-годишната кариера. Снимен во Лисабон и во Мозамбик, „Abundância“ (2025) е плоча за нејзиното враќање кон корените.
„На сесиите во Мозамбик учествуваат локални музичари и чудесен хор кои оставаат печат на изданието продуцирано од мајсторот на електроника, Луиш Фернандеш. Секогаш отворената приказна на Марија Жоао повторно нуди нова визија која во една песна може да премине од џез во електроника и да го адаптира гласот на нотите на инструментите“, посочуваат организаторите на „ОФФест“, кој, после Лисабон, ќе биде првата европска концертна премиера на новиот проект.
Сахарскиот Џими Хендрикс – така „Гардија“ неодамна го нарече Vieux Farka Touré, најавен како прв настапувач на 7 мај од 20 часот во НОБ. Гитаристот од Мали успева да биде виртуоз на инструментот, а притоа да ја негува традицијата и вешто да разговара со сегашноста.
„Vieux Farka Touré е маестрален гитарист. Тој држи изведувачко авторски курс кој што постојано добива на интензитет, а важно е да се забележи и дека низ неговото богато творештво постојано се проткајуваат пораките за мир, толеранција и љубов. Неговиот последен албум, ‘Les Racines’ (2022, World Circuit), во превод ‘Корени’ е вистинско ремек-дело кое дефинитивно го издигнува Vieux како една од најголемите звезди на африканската музика денес“, пишува во најавата.
Африканската вечер во МОБ ќе биде заокружена со Флоренс Адони, чија музика е синтеза од Фрафра госпелот и живиот и оптимистички хајлајф звук. Но, како што велат организаторите, и многу повеќе од тоа.
„Ова е повеќеслоен приказ на инструментална виртуозност, испревртени синкопирани ритми и богати вокални хармонии. Родителите на Флоренс Адони се Фрафра, а таа родена на југот на Гана. Фрафра заедницата е од северот на Гана и има специфични обичаи кои видно се разликуваат од оние на Ашанти луѓето од југот. Бидејќи од самото раѓање е изложена на различните култури, Флоренс Адони лесно ги спојува двата света“, наведуваат организаторите.
Последниот ден, 9 јуни, „ОФФест“ се сели во Младинскиот културен центар (МКЦ). Таму во „Фросина“ во 20 часот најпрво ќе има концерт на словачката пејачка Јулија Козакова, најпозната по својата соло кариера и нејзиниот албум „Manuša“ од 2022 година.
„На ова издание таа внесе нов дух во некои од традиционалните ромски песни кои што се вкоренети во Словачка и Централна Европа. Од нејзините 13 години Јулија свири со ромски музичари, а од соработките се истакнува онаа со чешката пејачка Ида Келарова. Деби албумот „Manuša“ го отвори меѓународниот хоризонт за нејзините прекрасни интерпретации и таа настапи во Велика Британија, Белгија, Италија, Естонија, Чешка и нејзината родна Словачка“, стои во најавата за Козакова која на „ОФФест“ ќе настапи во формација на трио, придружена од гитара и бас.
Фестивалот во денсинг салата на МКЦ од 22 часот ќе го затворат два гитарски бендови. Првиот е „Mordái“, фолк-рок бенд во најголема мера инспириран од репертоарот на унгарските експериментални фолк музичари од 60-те и 70-те, чиј специфичен звук го отсликува мрачниот дух на друмските одметници.
„Многу брзо по првиот сингл ‘Mordái’ се наметнаа како важен дел сцената во Будимпешта и се претставија на некои од најважните унгарски фестивали и клубови. Првите снимки од 2020-та им донесоа повеќе признанија и следуваше молскавична кариера. Албумот „A Dream Fell On My Еyes’, издаден во 2022, им донесе блескави критики и восхит кај публиката, посочува организаторот.
Крајот за „ОФФест“ е за домашниот состав „Луфтанза“. Тие се формираа во 2020 година и со 4 албуми, 5 години подоцна, прераснаа во кормиларите на свежиот бран во македонската алтернативна музика.
„Вредни, енергични и исклучително скромни, овие талентирани музичари ја претставуваат генерацијата на која ѝ е јасно дека формулата е многу едноставна – со искрена љубов и многу труд, резултатите пристигаат сами. Потврда за тоа се нивните настапи во Унгарија, Полска, Естонија, Латвија, Литванија, Словенија, Хрватска, Србија… ‘Луфтанза’ имаат неверојатен спектар на вкусови, интереси и музичко познавање. Продукцискиот квалитет на нивниот материјал се носи со изданијата на релевантни светски инди имиња, но тоа не би значело ништо доколку во нивните песни не вибрира енергијата што ја поседуваат“, стои како најава за настапот.
Дополнителна програма за „ОФФест“ ќе биде проекцијата на документарниот филм „Savanah“ на 8 јуни во „Фросина“ во МКЦ. Се работи документарец за бразилската музика снимен во 1969 година во Рио де Жанеиро, кој прерасна во култно остварување, со многу ретки сцени.