„Арт Поинт – Гумно“ во Слоештица со дела инспирирани од „Звукот на Бела Река“

Оваа сабота, во периодот од 12 – 17 часот, во галеријата и на отворено, на уметничкото гумно во селото Слоештица ќе бидат изложени делата што шест македонски уметници ги создадоа во изминативе 10-тина дена, за време на гостувањето на ликовната колонија со наслов „Звукот на Бела Река“.

Заинтересираните посетители ќе имаат можност да се сретнат и да поразговараат и со уметниците: Дијана Томиќ – Радевска, Сашо Саздовски, Пандора Апостолоска Саздовска, Филип Велковски, Горан Ристовски и Кети Талевска. Имено, ова е прв пат, во меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“ да гостуваат македонски уметници.

„Во целосен творечки карантин, уметниците создаваа инспирирани од темата – во услови на изолација поради глобалната пандемија, природата, ненаметливо почна да ни се наметнува. Во отсуство на вревата што вообичаено ја создаваме ние, луѓето, заитани кон материјалното, звуците што ги слушаме од природата како да не канат да нурнеме подлабоко во нас самите. И тогаш, ни се отвораат прашања за суштината на битисувањето, за нашата врска со природата, за уметноста како можност, локално но и глобално да проговориме за таа релација, за водите што се поврзани и на тој начин го поврзуваат целиот свет, а особено СИТЕ уметници од светот“, појаснуваат организаторите на настанот.

Дијана Томиќ – Радевска во Слоештица се посвети на чудесните локални приказни и излегувајќи од нејзиниот препознатлив творечки јазик создава нови визури во класична сликарска техника.

Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска, и овој пат е насочена кон меѓучовечки односи, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политичка и социолошка појава, но и различните аспекти на ненасилна агресија во модерното живеење.

Сашо Саздовски се смета себеси за истражувач во културата. Неговите идеи се поврзани со теми коишто оставаат многу отворени прашања, а одговорот на секое прашање тој го дава со отворање на ново прашање.

Горан Ристовски се наврати на една своја претходна творечка фаза и работи со т.н. стенсил техника – пренесувајќи го својот минималистички творечки ракопис. Освен тоа, за време на престојот на оваа колонија тој прави и фотографии инспирирани од поднебјето.

Филип Велковски е интердисциплинарен уметник кој на уметничкото гумно во Слоештица прави спој помеѓу традиционалните ракотворби и неговата современа сликарска практика.

Кети Талевска е млад фотограф од Битола. Таа од неодамна заполна да се занимава со ЛУМЕН ПРИНТ –техника, за којашто одлучи да ја примени и во Слоештица . Лумен принт е една од најстарите техники за изработување на фотографии. Тоа е фотограм или цртање на фотохартија која е сензитивна на светлина. Кети, исто така, го документира пулсирањето на Слоештица за време на колонијата.

Ликовната колонија е делумно поддржана од македонското Министерство за култура. Отвореното студио ќе се одвива во согласност со протоколите за заштита од вирусот Ковид19.