Арсовска – Томовска: Во Македонија има 1,5 милион интернет корисници и 1,1 милион фејсбук-профили

Министерката за информатичко општество Марта Арсовска – Томовска тврди дека во Македонија има голем развој на интернетот, а сега во земјава има 1,5 милиони интернет корисници.

Интернетот, според неа, најмногу се користи за социјални мрежи, ако се има предвид дека 1,1 милион корисници имаат профил на фејсбук. Меѓутоа, посочи, дека интернетот не се користи само за забава и комуникација туку и за бизнис, за остварување контакти, промовирање, но и од страна на институциите за размена на документација по службена должност што придонесува граѓаните помалку да одат по шалтери.

„Обезбедивме еден фер и конкурентски развој на итнернет секторот за во секој дом да има интернет. Потоа да има интернет клубови во помалите места, а сега планираме да го воведеме и широкопојасниот интернет, како универзална услуга за што наскоро ќе отвориме јавен повик“, рече Арсовска-Томовска.

Потенцирајќи дека во земјава има 1.600 компании во овој сектор со 16.000 вработени информатичари, рече дека оваа професија е дефицитарна во земјава и бидејќи тоа е професија на иднината, воспоставен е систем со кој е опфатена најмладата популација, а ќе се отворат и специјализирани средни училишта и поголема квота на факултетите.