Градоначалничката Данела Арсовска на Фејсбук објави видео по посетата на полициската станица, каде била со советничката Ирена Витина, откако претходно објави дека била нападната во скопската населба Чаир.
„Некаде после првиот час, нагло се промени расположението во станицата и почнаа да се обидуваат да го прикријат овој настан, со цел да го заштитат лицето, кое всушност физички се пресметуваше, односно физички ме нападна. Трагедијата во целиот слушај е тоа што ме прашуваа ‘што сум барала таму, зошто одам и шетам на терен’. Ако ви е целта да ме спречите да излегувам на терен, еве уште еднаш ќе ви кажам: нема да ме спречите“, се обрати таа во видеото.
Арсовска тврди дека на локацијата биле со Инспекторат на Град Скопје, со колегите и двајца униформирани претставници на МВР, а лице ја нападнало прво физички, а понатаму со закани.
„(Се закани) дека ќе ми ликвидира семејство, дете, еден по еден. Се јавуваше по телефон, си разговараа со него лицата од МВР и му дозволија да сврти едно 20-ина телефонски повици. По цел час вербални напади врз луѓето кои беа таму, вклучително и останатите жени, инспекторките, советничката Ирена Витина, раководителките на сектори, ги нарекуваше ‘кучки’ и секакви погрдни зборови… по три часа во болница, завршивме во полициска станица, каде сега се обидуваат да го заташкаат случајот со тоа што ми велат да не сум излегувала на терен и што сум барала таму“, посочи Арсовска во видето.
Министерот за внатрешни работи, Панче Ташковски, денеска во интервју со Телма рече дека физички контакт имало меѓу машко лице и градоначалничката, а дека било пред очите на полицијата е лага и повторен обид за манипулација на јавноста.
„Така сум известен од страна на помошник-началникот на СВР Скопје, пред да почне ова интервју“, рече тој, додавајќи дека имало снимки од предметниот настан и ќе се утврди „што, колку, како имало“.
„Откако е настанат физичкиот контакт, моите информации се дека после тоа е пријавен настанот и е побарана полициска асистенција“, дополни Тошковски.
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска објави детали за настанот, но не на својот сајт и социјални мрежи, туку по барање на медиумите.
„На 11.07.2025 во 12:15 часот од страна на А. Ј. во СВР Скопје пријавено е дека при извршување работни задачи на улица ‘Кумбара’ физички била нападната градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и дека повеќе лица ѝ упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот по што се упатила во Градската општа болница ГОБ ‘8 Септември’ за укажување лекарска помош“, соопшти МВР.
Исто така, од МВР изјавија и дека две лица се приведени и со нив се обавува службен разговор.
Случајот поттикна жестоки реакции во јавноста. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права рекоа дека нападот е уште еден алармантен пример за ризиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот – насилство, навреди, закани, клевети и институционална незаинтересираност.
Од Комитетот побараа итна и независна истрага. Исто така, одговорност за полициските службеници кои не постапиле соодветно на местото на настанот, потоа кривични пријави против сторителите и соодветна постапка против нив, воедно да се обезбеди ефективна и итна заштита за градоначалничката и другите службени лица кои биле нападнати, но и осуда на нападот од сите политички и општествени чинители.
„Непостапувањето на институциите во случаи на очигледно насилство не само што ја охрабрува културата на неказнивост, туку директно го загрозува владеењето на правото и демократијата“, забележаа од Хелсиншки.
Движењето Кој е следен? посочи дека дека институциите се целосно ставени во функција на организиран криминал и партиски бизнис интереси.
Обвинија дека Општина Чаир е оаза на дивоградби и криминал, каде градоначалникот со години ја претставува мафијата, наместо граѓаните.
„Ако полицијата не може да ја заштити градоначалничката, кого тогаш штити? Ова прашање е реторичко, јасно е дека полицијата ја штити мафијата која владее 34 години. Наводно располагаме со ‘реформирано’ МВР, со систем кој ќе го сменеа властодршците, но прашањето е едноставно: Дали градот е безбеден кога градоначалникот е тепан на улица? Ако јавните функционери не можат да сметаат на заштита, макар и симболична, зошто обичните граѓани би верувале дека системот ќе ги заштити нивните домови, бизниси или семејства?“, стои во реакцијата на Кој е следен?.
Од движењето побараа итна, целосна и транспарентна истрага. Воедно и јавно објавување на сите предмети за легализација во Чаир и другите општини, заедно со одговорните службеници и инвеститори.
„Бараме оставки од сите централни и локални функционери кои со својата неактивност станаа сојузници на криминалот. Нашето барање е јасно: Или институциите ќе се стават во служба на граѓаните, или ќе докажат дека се само чадор за маалски феудалци и корумпирани елити. Време е за акција. Граѓаните нема да молчат додека нивните улици се претвораат во диви градилишта, а насилниците се шетаат неказнето“, се вели во реакцијата.
Бојан Шашевски