Арсена: Странска лабораторија утврди 21,3 микрограми арсен во гевгелиската вода

Меѓународна лиценцирана лабораторија при анализа на примерок вода од градскиот водовод во Гевгелија утврди присуство на 21,3 микрограми арсен на еден литар вода, соопшти граѓанската иницијатива Арсена.

Тоа, појаснуваат е за 113% повисока концентрација од дозволената граница утврдена од Светската здравствена организација, а прифатена од земјите членки на Европската Унија и Македонија како земја аспирант за членство.

„Ова се ужасни податоци. Анализата ја нарачавме во март, кога на терен во гевгелиско имавме сува клима без врнежи, а стручњаците укажуваат дека поголеми концентрации на арсен во водата се присутни после обилни врнежливи периоди. Каква ли вода пијат гевгеличани во пролетната и есенската дождовна сезона?Овие резултати ги повикуваат на одговорност државните институции во РМ кои самите се прогласија за нерелевантни и одбија да направат анализа на примерок вода од Гевгелија“, велат од Арсена.

Поради игнорантскиот однос на институциите граѓанскатата иницијатива побара странска анализа во меѓународна лиценцирана лабораторија. Тие појаснуваат дека меѓународната лабораторија во Солун, каде е извршена посочената анализа на примерок вода од Гевгелискиот водовод, поседува Акредитиран метод според стандардот ISO 17025, (Standard methods 22nd Ed, 2012) прифатен според европската легислатива.

Од Арсена најавија дека ќе ги извести за резултатите државните и локалните надлежни тела.

„Ќе ги чекаме нивните решенија за отровната вода која се дистрибуира низ градскиот водоводен систем веќе триипол години. Ако после ова не реагираат, ќе мора да поведеме постапка за кривична одговорност од Министер за здравство, до директор на јавното комунално претпријатие, без исклучок и на локалната самоуправа која немо го преседе мандатот без било какви мерки за заштита на граѓаните“, се додава во соопштението на иницијативата.