„Арсена“: Меѓународна лабoраторија потврди присуство на арсен во гевгелиската вода

Меѓународна лабораторија го потврди континуираното присуство на арсен во водата од гевгелискиот водовод, соопштуваат од граѓанската иницијатива „Арсена“.
Анализа на примерок вода од гевгелискиот водовод од 16 јуни 2016 година го потврди континуираното присуство на арсенот во енормни количини штетни по здравјето на човекот, но и тешкиот метал ванадиум, велат од организацијата.
„Само пред еден месец концентрацијата на арсен беше 21,3 микрограми на еден литар вода, а сега е 19,7 микрограми што е и понатаму за 97 % повисоко од здравствено пропишаните норми за употреба на водата од страна на човекот. По одбивањето на Институтот за јавно здравје на РМ да прави анализи на водата во Гевгелија со образложение дека „Знаеле за проблемот“ и дека „Сите институции се известени“, откако увидовме дека речиси четири години не се превзема решение за заштита на граѓаните, со анализите од меѓународни лаборатории го потврдуваме постоењето на проблемот со арсенот во водата и неговото континуирано присуство и изложеност на граѓаните на еден од најотровните елементи на земјата – арсенот. Ванадиумот е нешто сосема ново за нас“, се вели во соопштението на „АРСЕНА“.
Овие податоци, според нив, го наметнуваат прашањето за филтрирање и деарсенификација на водата. Тие велат дека според пресметките од референтна компанија со 40 годишно искуство во прочистување на водите, која работи со хемискиот институт при Универзитетот „Аристотел“ во Солун, системот за деарсенификација и филтрирање на водите од сите четири бунари кај Моин во Гевгелија би чинел 1,17 милиони евра, а не 8 милиони евра, како што најавуваше градоначалникот во 2014 година и го елиминираше како прескап за реализација.
„Нови бунари за водоснабдување на Гевгелија не се копат, а деарсенификаторот лажно се претставува како енормно скап проект. Има ли свест, граѓанска или политичка совест и чувство на одговорност кај оваа власт која и понатаму молчешкум и без проектно решение остава граѓаните да се трујат со небезбедна вода по нивното здравје“, прашуваат од „АРСЕНА“.