„АРНО“: Прогласени победничките идеи од програмата за социјални претприемници

Здружението за социјални иновации „АРНО“ ги прогласи победничките идеи од првата генерација на програмата за социјални претприемачи.

„Skopje goes Zero Waste“ – социјален бизнис за продажба на продукти без или со реупотребливо пакување и „Football Frame“- платформа за промоција на здрави животни стилови се македонските победнички идеи во програмата „RISE“.

Во првата генерација на млади социјални претприемачи во нашата земја вкупно 8 тимови учествувале во програма за развој на нивните вештини, знаења и мотивација. Тимовите ги развиле своите идеи за социјални бизниси кои ќе имаат позитивно влијание врз природата и заедницата, промовираат соработка и имаат потенцијал за регионален развој.

„Skopje goes Zero Waste” е социјален бизнис за продажба на продукти од мали домашни производители, чии во рамки ќе бидат ангажирани пензионери или лица кои се технолошки вишок. „Football Frame“ е дигитална платформа чија цел е промоција на убавините на фудбалската игра, позитивните општествени вредности и борба против недостигот на физичка активност во секојдневието.

„Преблагодарни сме на АРНО за учеството во програмата која ни понуди целосна поддршка за осмислување на нешто што беше само идеја, а стануваше се пореално и пореално со секоја помината обука. Освен продавничката и градењето свест за продуктите без или со реупотреблива амбалажа, сакаме да организираме и работилници за шиење, плетење, поправање на работи“, вели Марија Арсовска од „Skopje Goes Zero Waste“.

Tимот на „Football Frame“ го сочинуваат Јане, Марко и Александар, а како што велат тие, сакаат да го искористат фудбалот како алатка за промена на општеството.

„Ние сме Јане, Марко и Александар. Јане е доктор и фудбалер, Марко е професор по спорт и физичка активност во средно училиште во Скопје, но фудбалерски тренер и фудбалер, а Александар исто така е фудбалерски тренер и фудбалер. Ние сме страстни љубители на фудбалот и сакаме да го искористиме фудбалот како алатка за промена во општеството и за зборување за теми како здравје, едукација, родова рамноправност“, вели Јане од „Football Frame“.

За победничките идеи програмата обезбеди финансиска поддршка во износ од 2500 евра и дополнителна менторска и експертска поддршка во рамки на инкубациската фаза. Победничките тимови ќе добијат и  медиумска промоција, менторска поддршка од ИТ компанија, еко-брендирање и поддршка на дигиталната платформа преку рекламен банер.