„АРНО“ го одбележува членството во мрежата RREUSE со заедничка заложба за циркуларната економија

Во април годинава, Здружението за социјални иновации „АРНО“ стана членка на мрежата RREUSE, со што се приклучи кон заедница на организации од цела Европа кои ја промовираат циркуларната економија преку социјални претпријатија. Првиот резултат од членството во мрежата, објави здружението, е новиот позиционен документ „Унапредување на одржливото управување со ресурси преку Актот за циркуларна економија“, кој ги одразува вредностите на претпријатијата и го прикажува нивниот ефект во создавање праведна, циркуларна и инклузивна економија.

„Социјалните претпријатија играат клучна улога во спречување на отпад, собирање, (подготовка за) повторна употреба и рециклирање, а истовремено создаваат значајни општествени и економски бенефити“, стои во документот.

Со овој документ, организациите од мрежата RREUSE, вклучувајќи ја и „АРНО“, испраќаат заеднички став и повик за поодржливо и поправедно управување со ресурси во Европа.

Таму се наведува дека секоја година членовите на RREUSE собираат над 1 милион тони предмети, речиси 70% се пренасочуваат од депонии, во просек се создаваат 70 работни места на секои 1.000 тони материјал собран за повторна употреба и се генерира годишен приход од над 1 милијарда евра.

„Овие бројки не се само импресивни – тие ја потврдуваат трансформативната моќ на циркуларната економија заснована на солидарност, еколошка правда и инклузија“, истакнуваат од „АРНО“.

Позициониот документ упатува повик до носителите на одлуки на ЕУ и на национално ниво да ги приоретизираат повисоките нивоа од хиерархијата на отпад, да го почитуваат принципот „загадувачот плаќа“ и да јa заштитат и унапредат улогата на социјалните претпријатија.

„Претстојниот Акт за циркуларна економија е ретка можност за создавање поодржлива Европа – не само преку подобро управување со отпадот, туку и преку спречување на неговото создавање. ‘АРНО’ со гордост стои рамо до рамо со своите партнери од RREUSE и придонесува кон оваа заедничка мисија“, велат оттаму.

Инаку, здружението во моментов ја спроведува Академијата за циркуларна економија, каде наскоро очекува Демо ден на кој 8 од 12 граѓански организации ќе добијат по 8.000 евра за развој на своите бизнис-идеи. Исто така, оттаму додаваат дека целосно се посветени и на новоотворениот Центар за поправки „Ништо ново“ кој за краток период го посетиле од над 100 граѓани вклучени во поправки.

Центар за поправки „Ништо ново“ – дојди, поправи, научи, помогни