Армин ван Бурен годинава на „Бит фест“, програмата ќе започне на 26 јуни

Со концерт на македонската музичката група „Леб и сол“, на 26 јуни во античкиот локалитет „Хераклеја“ ќе започне седумнаесетото издание на Битолското културно лето – „Бит фест“. Годинешната богата програма ќе трае се’ до 31 август, а дел од неа е и xоландскиот транс продуцент и диџеј Армин ван Бурен.

„Леб и сол“ најавија дека од Битола го започнуваат одбележувањето на големиот јубилеј – 50 годишнина од постоење и активно работење на групата.

„Ви благодариме Битола. Ни давате верба во живот, дека она што сме го правеле во изминатите 50 години, вредело и оставило трага во нашата меморија и во нашата музичка историја“, истакнаа членовите на бендот.

Традиционалните манифестации како „Битола отворен град“, „Локум фест“, „Парко-фестивал“, „Илинденски денови“, „Битолино – детски театарски фестивал“, „Мјузикленд“, „Фестивал на староградска музика“ и „Широк сокак во бело“ исто така ќе бидат дел од „Бит фест“.

Програмата се реализира во соработка на Општината со Културно-информативниот центар (КИЦ) и националните устави од културата. Повеќе информации за програмата ќе има во текот на наредните две недели.