Армијата на Република Северна Македонија ќе им помага на државните институции при справување со последиците од пандемијата на коронавирусот, односно дел од ресурсите и од средствата на Армијата ќе се ангажираат како невооружени сили за извршување задачи за нивна поддршка. Ваквата одлука, која веднаш стапува на сила, доаѓа откако претседателот и врховниот командант на земјава Стево Пендаровски ја потпиша наредбата за ангажман на Армијата.
„Согласно наредбата на претседателот Пендаровски, Генералштабот на Армијата ќе ангажира сили и средства за медицинска поддршка на работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, транспорт на заштитни и медицински средства и опрема. Армијата ќе помага и за обезбедување на магацински простор за складирање на заштитни и медицински средства и опрема, поставување на шатори и друг вид на сместувачки капацитети наменети за лекување на заболени лица, како и за дезинфекција на простории и површини“, информираат од кабинетот на претседателот.
Во соопштението се потенцира дека за спроведување на овие задачи, Генералштабот на Армијата е должен да ги подготви за ангажирање медицинските, силите за транспорт и силите за Четата за заштита од атомско, хемиско и биолошко оружје (АБХО) при Армијата.
Претходно, на последната 17-та седница на Владата, министрите го прифатија предлогот на Министерството за здравство за потребата од дополнителна асистенција на припадниците на Армијата во обезбедувањето на болниците како дополнителна испомош на припадниците на министерството за внатрешни работи и во координација со него, информираа од Владата на 3 ноември. Па оттука, беше донесен и заклучок за ова да се побара согласност од претседателот на државата.