„Архиметрии“ – прва самостојна изложба на фотографии на Андријана Тилиќ во МКЦ

„Архиметрии“ е прва самостојна изложба на фотографии на архитектот и архитектонски фотограф Андријана Тилиќ.

Изложбата ќе биде отворена вечерва во Младинскиот културен центар.

Проектот има уметничко-истражувачки карактер и ја афирмира естетиката на архитектонската фотографија.

Проектот има цел да го истражи архитектонскиот јазик на модерната, но и современата архитектура воопшто, да ја предочи заемната и длабока врска на фотографијата како медиум, и архитектурата. Да ги истакне посебноста и значењето на архитектонската фотографија, како релевантен визуелен медиум, но и промовирање и документирање на архитектонското домашно и странско наследство.

„Архиметрии“ е замислен како панорамска изложба на фотографии во кои главниот мотив и конструкт е архитектурата. Фотографиите во себе содржат вредности како ликовната естетика, естетиката на архитектонскиот јазик, но и документарна вредност.

Во фокусот на истражувањето на авторката во фотографијата е откривање и потенцирање на формата, скулптуралноста, графизмот, текстуралноста и други фактури кои сведочат за одреден архитектонски јазик, но  воедно и еден авторски агол на гледање и градење на современата архитектонска фотографија.

Авторката Андријана Тилиќ живее и работи во Скопје. Таа е дипломиран архитект при Архитектонскиот факултет во Скопје, активен магистрант на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Професионално се занимава со фотографирање на архитектонски простори, соработувајќи со голем број архитектонски бироа.