Археолошкиот музеј најде начин како за време на изолацијата да понуди едукативни активности за најмалите. Од утре, понеделник, тие започнуваат со проектот #МузејскаЕдукација преку цртежи.
„Преку оваа активност децата, цртајќи ги музејските предмети кои ќе ги објавуваме, ќе се запознаат со археологијата и нашето богато културно наследство, како и со примената на тие предмети во минатото. Ги охрабруваме и возрасните да се приклучат во овој креативен проект и да ги споделуваат со нас нацртаните цртежи“, велат од музејот.
Музејските предмети ќе ги споделуваат на нивните социјални профили на Фејсбук и Инстаграм.
„Секој кој ќе се вклучи во овој проект потребно е да ги сподели цртежите со #МузејскаЕдукација преку #Цртежи и да го тагне профилот на музејот. Сите деца кои ќе бидат дел од оваа иницијатива ќе бидат поканети на бесплатна едукативна работилница во нашето едукативно катче, а за возрасните кои ќе се вклучат ќе следи бесплатна посета на Археолошкиот музеј веднаш по завршувањето на вонредната состојба“, појаснуваат од музејот.