Аргумент 9: Овој дом верува дека државата (не) презема соодветни мерки за справување со загадувањето

Младински образовен форум (МОФ) го најавува деветото издание на јавниот дебатен настан Аргумент: Организирано изразување кој ќе се одржи на 5 ноември (вторник) 2019, со почеток во 19 часот, во Кино Фросина, МКЦ.

Оваа година МОФ ја организира дебатата во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. Годинава тезата на која заеднички ќе дебатираме и дискутираме гласи: „Овој дом верува дека државата (не) презема соодветни мерки за справување со загадувањето“.

Загадувањето на животната средина претставува се посериозен проблем со кој се соочува целиот свет. Драстични влијанија од загадувањето се појавуваат и во Република Северна Македонија. Државата има обврска да обезбеди здрава животна средина за своите граѓани, но и да ги казнува загадувачите кои придонесуваат до постојано влошување на ситуацијата. Позитивна обврска на државата и налага да презема конкретни мерки на национално и локално ниво за справување со загадувањето. Потребно е да се утврди какви се конктетни мерки преземаат државните органи и институции? Дали се истите ефективни? Какви мерки се преземаат на локално ниво, особено со посебен акцент на различниот тип на загадување?

Во последните неколку години, се повеќе се забележува поактивна вклученост на државата кон адресирање на проблемите со загадување на животната средина. Низа акции и мерки биле спроведени од страна на државните тела за справување со загадувањето. Сепак потребно е да се утврди и ефикасноста на одредена мерка, како и прашањето за компатибилност, односно соодветност помеѓу преземените мерки од една страна и степенот и влијанието на загадувањето од друга страна. Дали мерките се преземаат плански и навремено или станува збор за избразни „ad hoc“ мерки за краток рок?

Говорниците кои ќе ги дискутираат овие прашања се поделени во афирмативен и негациски тим.

Афирмативен тим [тим кој ја поддржува тезата]:

Јани Макрадули, заменик министер за животна средина

Горан Ангелов, директор на депонијата „Дрисла“

Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Негациски тим (тим кој ја негира тезата):

Невена Георгиевска, О2 Иницијатива

Стојан Велков, Граѓанска иницијатива „Здрава котлина“

Аријанид Џафери, Граѓанска иницијатива „Еко герила“

Настанот ќе биде пренесуван на Радио МОФ. Влезот е слободен.

Аргумент: Организирано изразување е целовечерен дебатен настан, чија цел е да ја подобри културата на дијалог и структурата на говорење во јавниот дискурс и да ја промовира аргументацијата како неопходен услов за продуктивна дискусија. И оваа година ветуваме квалитетна дебата на актуелна општествена-политичка тема, прецизно структурирана и организирана на начин на кој ќе овозможи фер дискусија на говорниците на дебатата и на присутната публика.

Кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ ја реализира Институтот за комуникациски студии [ИКС] и е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје.