Апсурдот на тоа кога работиш – а си сиромашен

Македонската поговорка „Џабе работи – џабе не седи“ најдобро ја познава самохраната мајка Мариела Јашарова, која преку проект за инклузија на Роми девет години работи во градинка во Делчево без здравствено и пензиско осигурување. Се пријавува во Агеницијата за вработување како невработено лице, додека исплатата која според програмата ја добива од Будимпешта, почесто и доцни отколку што ја добива на време.

Кога платата ја немало, по дневната работа со дечињата, вечерта дополнително работела по приватни конфекции за да може да преживее.

Мариела Јашарова

„Мислам дека сето тоа е голем апсурд. Платите се исплаќаат но, со доцнење. Во пет месеци добивам една плата, потоа чекам неколку месеци па втора плата. Не функционира животот со таква исплата. Ако јас можам да ја чекам платата, струјата, водата – тоа не го чека. И сето тоа трае девет години“, објаснува Јашарова.

Таа е само една од големиот број лични судбини на луѓе кои, иако се вработени, се наоѓаат во сиромаштија, кои денес сведочеа за своите проблеми на конференцијата „Работа, колку да не е без ич“, во организација на Македонската платформа против сиромаштијата (МППС).

Се дебатираше за проблемите на сезонските работници и хонорарците, како и за големата сиромаштија во руралните средини, особено на жените кои се занимаваат со земјоделие. И покрај нивните вработувања, голем број од овие категории на луѓе се наоѓаат во сиромаштија, или се без социјална и здравствена заштита.

Кога луѓето се „убиени“ економски, се убива и нивниот личен интегритет, вели Тамара Чаусидис, од Самостојниот синдикат на новинарите и медимските работници. Таа повика на здружено дејствување на синдикатите за заедничка промена на состојбите.

„Имам 52 години, некои три години стаж и сум хонорарец. Знам што претставува овој тип на прекарна работа – односно работа која е несигурна и не ви дава никакви бенифиции на вработен, а практично работите. Она што е сериозен проблем во Македонија е дека овој тип на работа експлозивно се зголемува. Младите се особено загрозени. Се почесто договорите за вработување се на месец, три месеци, во меѓувреме институциите им олеснуваат на работодавачите, тоа е страшно за секоја професија, особено за новинарите. Ако знете дека можете да бидете отпуштени по еден месец, тогаш лесно станувате подложни на притисок и корупција. Затоа станавме општество на човечиња кои се држат за рака и одат да гласаат“, вели таа.

Билјана Дуковска од МППС вели дека предизвикот за конференцијата претставувале ставовите од типот: „сите сме вработени – а сиромашни“, како и бројките кои покажуваат дека многу мал број од луѓето стигаат до просечната македонска плата. Таа додава дека под поимот сиромаштија не треба да се подразбира само слаб приход, туку и пристап до основните услуги.

„Генерални политики во намалувањето на сиромаштијата се поголемо зло од немање никакви политики. Договорните, сезонските или непријавените работници не се здружени во ниту еден синдикат и нема кој да ги претставува. Во мерката „минимален адекватен приход“, која долго ја заговараме како потребна, една од главните измени е на примателот на некаква социјална бенифиција да не му се скрати можноста да работи, туку напротив да работи колку може и доколку е под нивото на сиромаштија да се дополни со одредена услуга или финансии. Државата може и да ги намали цените и обемот на услуги. Да не биде само градинка и бесплатно здравство, туку можеме да влијаеме во превозот, домувањето и слични такви мерки“, објаснува таа.

Дуковска вели дека не може да ја искалкулира бројката на вкупниот број на вработени сиромашни, бидејќи таа е многу непостојана. Сепак според масовноста на протестите, како на пример на хонорарците, таа вели дека бројот сигурно е голем.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска вели дека и покрај тоа што секој вработен мора да биде задолжително социјално и здравствено осигурен, со развојот на државата овој систем е уништуван и од него е направена целосна „каша“.

„Се работи за голема група – 220 илјади работници во Македонија, или секој трет вработен е сиромашен. Тоа се вработени кои се социјално осигурени и ние ги водиме како граѓани за кои не би требало да дискутираме дека се сиромашни. Според Евростат, се вели дека во 2015 година 8,9% од вработените се сиромашни. Но, бројките исто така се измешани. Ние немаме универзално мерење на тие статистики, затоа што многу од тие податоци се добиваат преку Попис. Во моментов самата минималната плата ни е под нивото на сиромаштија“, вели Царовска.

Министерката најави дека подигање на минималната плата, решавањето на сивата економија и зајакнување на синдикалното организирање се почетните мерки со кои Владата ќе се справува со проблемот на излегување од сиромаштијата на вработените лица.

Ова е шеста ваква конференција на МППС. Секоја од нив, на различна тема, завршува со донесување на Декларација на сиромашни и социјално исклучени лица, која се доставува до надлежните државни органи. Дополнително, искуствата од оваа конференција ќе бидат пренесени на Европската конференција на лицата кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост, а која ќе се одржи во Брисел на 9-ти и 10-ти ноември.

Даниел Евросимоски