„Апсурдна цензура“ – Критики за променети зборови во познати британски детски книги

Критичарите го обвинија за цензура британскиот издавач на класичните детски книги на писателот Роалд Дал, откако во дел од нив биле отстранети описи и зборови со цел делата да бидат поприфатливи за модерната публика.

При анализа на новите изданија на книгите на Дал може да се види дека дел од речениците кои се однесуваат на тежината, менталното здравје, родот и расата биле променети.

Во новото издание на популарната книга „Чарли и Чоколадната фабрика“, која првично била објавена во 1964 година, непријателот на Чарли повеќе не е „многу дебел“ туку само „огромен“. Во книгата „Вештерки“, волшебната жена, која се преправа дека е обичен човек, сега е напишано дека можеби работи како „врвен научник или води бизнис“, наместо како што е напишано во оригиналот „на каса во супермаркет или пишува писма за бизнисмен“.

Зборот „црн“ бил отстранет од описот на ужасните трактори во делото „Фантастичниот г-дин Фокс“ од 1970-тите години. Машините сега се опишуваат како „убиствени, брутални чудовишта“. Промените биле направени од издавачката куќа „Пафин Букс“, која е дел од „Пингвин Рендом Хаус“.

Еден од оние кои бесно реагираше на преправање на зборовите на Дал беше познатиот писател и добитник на Букеровата награда Салман Ружди, кој со децении живее во азил, откако во 1989 година иранскиот ајатолах Хомеини подигна фатва против него поради наводно богохулие во неговата книга „Сатански стихови“.

„Роалд Дал не беше ангел, но ова е апсурдна цензура. „Пафин Букс“ и наследниците на Дал треба да се засрамат“, напиша Ружди на Твитер.

Промените во книгите на Дал се најновиот предмет на полемика во дебатата околу културната сензитивност откако активистите започнаа со барања да се заштитат младите од културните, етнички и родови стереотипи во литературата и другите видови медиуми. Критичарите на ваквото движење велат дека ваквиот ревизионизам претставува ризик да се поткопа генијалноста на големи уметници и ги спречува читателите во нивното соочување на светот онаков каков што е.

„Додека трае жестоката битка помеѓу забрана на книгите и структуирање на она што смее да биде учено и читано, селекции за одредени литературни дела да се прилагодат на одредени чувства може да претставува опасно ново оружје. Оние кои можеби ги слават промените на делата на Дал, треба да размислат како моќта да препишување на книги може да се користи во раце на оние кои не ги делат нивните вредности и чувства“, напиша на Твитер Сузан Носел, претседателка на ПЕН Америка.

Од Компанијата „Роалд Дал приказни“, која ги има правата на книгите, велат дека соработувале со издавачката куќа во проверка на текстовите бидејќи сакале да се осигураат дека „прекрасните приказни на Дал и неговите ликови ќе продолжат да бидат интересни за сите деца во денешницата“.

Дал почина во 1990 година на возраст од 74 години. Неговите книги, кои се продадени во повеќе од 300 милиони копии, се преведени на 68 јазици и продолжуваат да бидат читани од децата низ светот.