Апсења, откази, пораки – нови реакции по обидот за пуч во Турција

Работници од научната област и од Фудбалската федерација се меѓу последните кои беа приведени или ги загубија своите работни места како дел од истрагата на турските власти за расчистување на обидот за пуч.

Вчера турската полиција упадна и приведе неколку луѓе во канцелариите на Советот за научно-технолошки истражувања (Тубитак). Додека стотина луѓе, меѓу кои и неколку судии, се избркани од работните места во Фудбалската федерација.

Вкупно околу 60.000 луѓе од војската, судството, образованието и администрацијата досега се затворени, суспендирани или се под истрага во разврската на неуспешниот обид за пуч од 15-ти јули.

Гардијан цитира високи службеници во турската власт кои тврдат дека во лоцирањето на илјадниците луѓе кои учествувале во обидот за пуч помогнало пробивањето на аматерскиот сигурносен систем на малку позната смартфон апликација за допишување ByLock која пучистите ја користеле за комуникација.

Австрискиот канцелар Кристијан Керн денеска побара Европската Унија да ги прекинат преговорите со Турција, изјавувајќи за австриските медиуми дека „демократските стандарди се далеку од доволни за да се оправда процесот на пристап кон ЕУ“.

Во текот на овој месец, најавена е посета на Турција од американскиот државен секретар Џон Кери. Таа доаѓа по заострената реторика помеѓу овие две земји, НАТО партнери, во која Турција бара САД да го уапси и испорача, Фетула Ѓулен, кој се наоѓа на американска територија, кој од турските власти е главниот осомничен за организирањето на обидот за пуч.

Реакции за ситуацијата во Турција стигнаа и од Партиите на Европските Социјалисти (ПЕС), кои го осудуваат обидот за пуч, но истовремено се загрижени од информациите за нарушувања на човековите права во земјата.

„Човековите права и поделбата на власта се исто така важни како и слободните избори и почитувањето на волјата на луѓето. Има илјадници обични јавни службеници, наставници и научници кои се приведени, избркани од работа или имаат забрана за патување надвор од земјата. Се надеваме дека секој од овие случаи ќе се процесуира одделно, со почитување на владеењето на правото и граѓанските права“, изјави Сергеј Станишев, претседател на ПЕС.