Апокалиптика ќе одржи концерт во Скопје во октомври

Финскиот метал бенд Апокалиптика доаѓа во Скопје на 17 октомври, на концерт во склоп на светската турнеја на бендот, кој го промовира актуелниот албум „Shadowmaker“.

Oсмиот студиски албум на групата е објавен на 17 Април, содржи десет нови песни и за првпат го вклучува вокалот Franky Perez, кој со бендот настапува во живо на оваа турнеја. Влегувањето на Perez во Апокалиптика претставува значаен чекор напред за бендот. Првпат имаат само еден вокал на цел албум што на песните им дава цврст и препознатлив звук, различен од претходните албуми.

Апокалиптика ќе одржи концерт во Скопје во октомври

Бендот ќе настапи во СРЦ Кале на 17 октомври (сабота). Влезниците ќе бидат пуштени во продажба на 8 јуни (понеделник) преку продажната мрежа на КупиКартиЗаСе, а цените ќе бидат објавени во недела во 21.00 часот на фејсбук-страницата на Авалон, организаторот на концертот.

Ова е второ гостување на Апокалиптика во Скопје, по настапот во 2006 година на Лизгалиште.