Апликација покажува пристапни објекти и локации за лицата со посебни потреби

Пред четири години, младиот Мет Меккен по потекло од Ирска го посетил Лондон мислејќи дека ја резервирал совршената хотелска соба. Покрај потрагата по добра цена и пристојно место, тој имал за цел да најде хотел што ќе ги задоволи неговите основни потреби, бидејќи има церебрална парализа и користи помошно средство за да се движи.

Меѓутоа, на влезот од хотелот имало само три скали, што го отежнува движењето за луѓето во инвалидска количка, а вратата од собата не го собирала неговото помошно средство.

Поттикнат од ова непријатно искуство, веќе дипломиран на Националниот универзитет на Ирска Мејнут, Меккен ја создал „Access Earth“, веб платформа и апликација што собира и прикажува податоци за достапни објекти и локации приспособени за лицата со посебни потреби.

Во многу случаи, особено во градовите како Даблин и Лондон кои имаат постара архитектура, речиси и да не се пристапни, објаснува Меккен. Тој вели дека бизнисмените не гледаат на ова како голем проблем, но според него, неколку влезни скали целосно го исклучува дел од населението со физички хендикеп.

Со Access Earth, Меккен и Рајан О’Нил, кој се грижи за бизнис развојот на проектот, сакаат да создадат глобална генерирачка платформа на која корисниците можат да најдат и да споделат информации за пристапност во одредени хотели, ресторани, хотели, стадиони и на други места.

Мет Меккен (лево) и Рајан О’Нил

Корисниците можат да го испланираат патувањето во град со тоа што ќе проверат на апликацијата дали во продавницата, во која сакаат да одат, има рампа, ако во блиското кафуле има широка врата за инвалидски колички, или пак, дали има пристапна бања.

Меккен и О’Нил засега се единствените кои работат во развивање на апликацијата, со помош на волонтери и пријатели. Тие учествувале на неколку настани за студенти-претпримачи организирани од Мајкрософт и Светското првенство Енактус во Јоханесбург, Јужна Африка.

Во моментов, на страницата можат да се најдат информации за Даблин, но можат да ја користат луѓе од цел свет. Меккен и О’Нил соработуваат со ирски организации, како Националната асоцијација за лица со посебни потреби и Ирската асоцијација за лица во инвалидски колички, со цел да ги дознаат сите критериуми што ја прават една зграда целосно приспособена.

За нив, апликацијата претставува голем предизвик, бидејќи мора да собираат податоци од различни држави, а во секоја држава има различни прописи и закони за тоа како една зграда треба да биде уредена и изградена.