Апликација овозможува да се купи храна што останала во рестораните по ниска цена

Too Good To Go“, е апликација која засега е достапна во Велика Британија и Данска, а која им овозможува на корисниците да нарачаат храна која останала во рестораните, со огромен попуст. Нејзината цел е да помогне во намалување на отпадот што го создаваат претпријатијата, најчесто фрлајќи храна која се уште може да се јаде.

Корисниците можат едноставно да се логираат, да одберат ресторан и да платат преку апликацијата.

Потоа, тие ја земаат храната што ја одбрале во одреден период, најчесто пред затворање на локалот, или по периодите кога најмногу се служат оброци.

„Фрлањето храна е еден од најглупите проблеми што ги имаме на светот“, вели еден од основачите на апликацијата, Џејмс Круми.

„Рестораните фрлаат околу 600 000 тони храна секоја година, а само во Велика Британија има еден милион луѓе на кои итно им се потребни пакети со храна. Зошто ги имаме овие два огромни социјални проблеми, кои се целосно поврзани, но и покрај тоа, не се прави ништо за нивно решавање?“, додава тој.

Корисниците, исто така, ја имаат опцијата да им дадат оброци на луѓето на кои најмногу им е потребно, донирајќи една фунта, или повеќе, преку апликацијата. Досега се донирани над 1100 оброци.

Апликацијата првично започна како проект во Данска, а од минатата година е достапна и во Велика Британија.

Фрлањето огромни количини на храна е голем проблем во целиот свет. Само во САД, 40 отсто од храната се фрла, додека лани едно од шест домаќинства немало доволно пари за храна.

„Too Good To Go“ имала значајно влијание во намалување на отпадот со храна. Досега, апликацијата помогнала да се зачуваат 10 000 оброци во Велика Британија.

Нарачките преку апликацијата чинат помеѓу две фунти и 3,80, според веб-страницата.

Сепак, корисниците не можат да ги избираат продуктите, иако имаат претстава каква храна би била достапна.

За процесот да биде целосно еколошки, од компанијата обезбедиле и амбалажи од рециклиран материјал за рестораните кои се вклучени во проектот.

Со ова имаат добивка и рестораните, бидејќи добиваат пари за храната која претходно планирале да ја фрлат.

Но, ова не е прва ваква апликација. Во Шпанија, постои апликацијата „Yo No Desperdicio“, која им дозволува на луѓето да се координираат и да си разменуваат храна што им останала вишок. Во САД, пак, постои апликацијата „Food Cowboy“, која им овозможува на дистрибутерите да го донираат зеленчукот кој изгледа лошо, на загрозени семејства, или на банките за храна, кои потоа ја распределуваат на оние на кои најмногу им е потребна.