Апликација која покажува колкав е вашиот ризик од земјотрес

CATMonitor е бесплатна веб платформа за набљудување/мониторинг на ризици од природни катастрофи и подигнување на јавната свест за овие ризици.

Тоа е информативен портал кој е лесен и прилагодлив за користење со цел да вклучи и заинтересира широка корисничка маса која користејќи го овој вебсајт ќе може да визуелизира, меѓусебно комуницира и да допринесе за подобро разбирање и мерење на ризиците од природни катастрофи.

Оваа веб платформа нуди неколку услуги и опции за ефективно визуелизирање на опасност, изложеност и информации за загуби (сценарија на настани и пост катастрофи). Исто така, CATMonitor им овозможува на корисниците да лоцираат адреси користејќи отворен интерфејс базиран на географски мапи.

Апликацијата има четири категории: Мои објекти, Природни опасности, Пријавени катастрофи и Предупредувања за природни катастрофи.

Алатката „Мои објекти“овозможува да се утврди ризикот на објектот од земјотрес и поплава. Потребно е да се внесат основни податоци за објектот, како што се локација, тип на градба, година на градба, висина на објектот итн. за да се утврди ризикот од земјотрес и поплава.

Алатката „Природни опасности“ информира за мапите на ризик од земјотрес и поплава во регионот и природните непогоди кои се случиле во изминатиот период. Оваа алатка овозможува да се утврди влијанието на природните непогоди врз вашиот имот.
Алатката „Пријавени катастрофи“ информира за непогодите во ваша близина. Оваа алатка овозможува граѓаните да дадат свој придонес и помош на околината преку испраќање на информации за штетите.

Алатката „Предупредување за природни катастрофи“информира за моменталните непогоди во регионот од различни извори. Користејќи ја оваа алатка може да се добие информација и податоци за непогодата додека пак со користење на алатката „Пријава за добивање предупредување за природни катастрофи“ граѓаните може да се информираат во случај на земјотрес или поплава во своето окружување.

Изработката на апликацијата е поддржана од Агенцијата за супервизија на осигурување во соработка со Светска банка, во рамки на проектот Европа РЕ.