Аплауз за поддршка на здравствените работници на терасите ширум државава во 17 часот

Граѓаните преку социјалните мрежи повикаа на предизвикот за поддршка на здравствените работници, денеска од 17 часот на терасите ширум државава, по примерот на повеќето држави зафатени со новиот коронавирус, каде граѓаните симболично излегоа на терасите и со ракоплескање им дадоа поддршка на медицинарите.

Во описот на Фејсбук настанот на страницата „Хумана страна“ се вели дека тие го прифаќаат предизвикот на пејачката Кристина Арнаудова и ги повика граѓаните да се приклучат на иницијативата.

„Цела Европа им заблагодарува со симболичен аплауз на сите вклучени во првиоте редови во бората со коронавирусот, здравствените работници. Тие заслужуваат и многу повеќе од аплауз, но барем тоа можеме да го направиме, нели? Ајде утре, 16.03 во 17 часот сите да излеземе на терасите и со долг аплауз да ги поздравиме и да им се заблагодариме, за целата грижа и жртва која ја прават за ние да сме мирни и здрави. Да ги поздравиме и вработените во маркетите, аптеките и бензиските… кои секој ден мора да се на работа и да не опслужуваат“, се вели во описот на настанот.

Оттаму ги повикаа граѓаните да ја споделат иницијативата, но и да снимаат видеа и да им ги испратат за да се направи заедничко видео од сите градови.

Инаку, предизвикот започна вчера на иницијатива на Арнаудова која преку својот Инстаграм профил ги повика граѓаните да се приклучат.